Лајчак: Без заедница на српски општини нема нормализација меѓу Белград и Приштина

Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Специјалниот пратеник на Европска Унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак изјави дека конечен договор меѓу Косово и Србија не може да биде постигнат доколку не се формира Заедницата на општини со мнозинско српско население.

На прес-конференција на крајот од неговата тридневна посета на Приштина, Лајчак нагласи дека Косово, според договорот со посредство на Брисел од 2013 година, презеде обврска за формирање на Заедницата и таа обврска мора да ја исполни.

– Ако нема волја за договор, тогаш тој нема да се постигне. Ако нема договор нема нормализација на односите, а не може да има договор без Заедницата. Ние не бараме повторно да се отвори тој текст, туку само да се имплементира тоа што е потпишано, рече Лајчак, нагласувајќи дека во минатите три дена не сретнал „ниеден партнер кој има проблем со тоа прашање”.

Тој информира дека на средбите во Приштина станало збор и за прашањето на исчезнатите и раселени лица од последната војна во Косово, како и за економски теми.

– Разговаравме и за прашањето на исчезнатите и раселените лица, како битно прашање за помирувањето. Зборувавме и за економски прашања, кои се мошне значајни, затоа што ја симболизираат регионалната соработка и во овој правец имаме голем напредок, изјави европскиот емисар.

Лајчак завчера допатува во Косово и имаше средби со највисоките државни и политички претставници на земјата, како и со странски дипломати акредитирани во Приштина и со претставници на граѓанските организации. Денеска ќе отпатува во официјална посета на Белград, каде што, според најавите, вечерва ќе се сретне со претседателот Александар Вучиќ, а потоа и со други претставници на државниот и политички врв на Србија, на дипломатскиот кор и на невладиниот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот