Кузеска: Ги очекуваме резултатите, уверени сме дека граѓаните ќе поддржат европска иднина за Македонија
Богданка Кузеска од Изборниот штаб на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, на прес-конференција по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.
– Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ – порача Кузеска.
Таа додаде дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.
Инаку, на првата прес-конференција во штабот на пендаровски по затворањето на гласачките места немаше ниту еден функционер од СДСМ. Единствено се појави Сања Лукаревска, но за да даде изјава за медиум.