Кулинарски совети: Чести грешки што ги правите при готвење зеленчук на пареа

храна
Unsplash

Консумирањето зеленчук во последните години е значително зголемено, како што се зголемува кај луѓето свесноста за здрава храна. Начинот на негова подготовка може да биде од печење на скара или во рерна до варење и најпопуларниот – готвење на пареа. Притоа најважно е да се сочуваат сите хранливи состојки во него. Но што ако тоа го правите погрешно?

Готвењето на пареа е еден од најлесните начини за готвење зеленчук. При процесот на готвење зеленчукот е изложен само на пареата од течноста, што овозможува да се задржат здравите состојки во него. Но треба да знаете неколку правила за да го постигнете тоа. Прво и најважно е да избегнете преполнување на садот во кој ќе се готви зеленчукот.

Секако дека по напорниот ден на работа сакате што побрзо да го зготвите ручекот, но ставањето цел зеленчук наеднаш во садот за готвење, ќе направи повеќе штета од корист. Тоа е бидејќи кога наеднаш го ставате зеленчукот вие ја менувате температурата за готвење, а тоа ја менува текстурата на храната. Затоа подобро е да го додавате зеленчукот дел по дел, во повеќе слоеви. Тоа ќе овозможи зеленчукот да се зготви рамномерно.

Правилно подгответе го зеленчукот

Зеленчукот кој е претходно рамномерно исечкан ќе се вари рамномерно. Затоа пред да го ставите да се вари на пареа излупете го и исчекајте го на исти парчиња. Исто така, препорачливо е да го групирате според текстура, што е уште една причина да се свари рамномерно. Така, на пример, листестиот зеленчук како спанаќот се вари побрзо за разлика од морковите и компирите. Ако ви се случило да јадете преварен зеленчук што се распаѓа, тоа е бидејќи не сте внимавале на времето. За да го избегнете тоа, одредете го точното време кое ви е потребно за варење на различни видови зеленчук. Еве неколку насоки за тоа кој зеленчук за колку време се вари на пареа:

– грашок, рукола, спанаќ – 2-3 минути
– аспарагус, брокули и карфиол – 4-6 минути
– прокељ – 9-10 минути
– моркови исечени на 0,5 см кругчиња – 6-8 минути
– зелена боранија – 4-5 минути
– тиквички и слични зеленчуци – 6-7 минути

Изберете соодветни садови

За секоја кулинарска работа потребен ви е соодветен алат и садови. Можеби и со импровизации ќе завршите работа, но нема да биде толку едноставно и лесно како кога имате соодветни алати. Освен даска за сечење и остар нож, потребно ви е големо тенџере во кое ќе наполните вода и решетка за готвење на пареа.

Додека го сечкате зеленчукот во тенџерето ставете вода во висина 2-3 см и ставете ја внатре решетката за да проверите дали допира во водата. Ако е тоа случај, истурете од водата. Потоа оставете да зоврие на висока температура. Додајте го сечканиот зеленчук во решетката, покријте го тенџерето и намалете ја температурата. По 2-3 минути проверете дали е омекнат зеленчукот. По потреба продолжете го варењето. На крај зачинете го зеленчукот со маслиново масло, сол и црн пипер, по желба. Ако сакате да го збогатите вкусот, можете да додадете путер, соја сос, сок од лимон, динстан лук, свежи зачински билки и сл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот