Куклено-визуелната претстава „Во детската соба“ на ТДМ ќе биде изведена на „Скопско лето“

Театарот за деца и младинци (ТДМ) – Скопје на 27 јуни, во 19 часот, ќе ја изведе куклено – визуелната претстава „Во детската соба“ во рамките на програмата на фестивалот „Скопско лето“.

Претставата е авторски проект на режисерката Милена Миланова од Бугарија, а истата раскажува приказна за четворица чудни специјалисти вработени во компанијата „Kрени-носи“. Тие ја имаат способноста да раскажуваат спомени, скриени во кутии. Нивното мото е „Крени-носи, секогаш подготвени да помогнеме“. Тие имаат задача да ги пренесат кутиите од детската соба на едно мало дете – Саша.

Кутиите не се обични, туку волшебни, магични. Во секоја од нив се крие по една приказна, еден детски спомен за пријателството. Со помош на мачката Ѕвездана, со песни, кукли и бои, нашите храбри крено-носачи ќе ни ја раскажат приказната за детството на малиот Саша. За неговата средба со малото глувче, со големата риба, за подароците, за патувањата со родителите, за соништата, мечтите, борбите и пријателствата на малиот Саша.

„Во детската соба“ е претстава за едно дете кое учи да се поврзува и да другарува со останатите. Станува збор за куклена претстава работена по различни современи методи. Еден од нив е и методот за создавање визуелен театар и визуелна драматургија на Филип Женти и Мери Андервуд, француски режисери, кореографи, куклари со кои Миланова има соработувано во претходните години.

Во претставата играат Ангела Димитрова, Ана Левајковиќ Бошков, Никола Наковски, Петар Стојанов, Катарина Илиевска Силјановска и Ненад Митевски, известија од НУ Театар за деца и младинци – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот