ВИДЕО|КСЗД: МОН не го испочитува законскиот рок да обезбеди учебници, можна е судска постапка

Фото: Слободен печат

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација(КСЗД)  побара од Министерството за образование и наука најдоцна до 31 август да достави писмен извештај за состојбата со учебниците по секој предмет поединечно и со забелешка за статусот во кој се наоѓа тој учебник, а согласно тој извештај. КСЗД ја анализираше состојбата и заклучи дека од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на оваа школска година МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34 проценти од учебниците. Со ова, МОН не ја исполни законската обврска да обезбеди учебници по сите наставни предмети на сите јазици на кои се изучува наставата во основното образование пред почетокот на новата учебна година.

Весна Бендевска од КСЗД на денешната прес-конференција појасни дека во овој случај, со ваков недостиг на учебници, констатираната дискриминација не само што не е отстранета, туку е во многу поголеми размери.

На прашањето како ќе постапи Комисијата, Бендевска одговори дека во овој случај тие имаат обврска да поведат прекршочна пријава, но бидејќи се работи за дискриминација на голема популација, голем процент од учениците остануваат без учебник како основно средство за стекнување знаење, имаат право да поведат  тужба од јавен интерес против државните институции.

Оваа одлука, како што соопшти таа, ќе биде разгледана на седница во текот на оваа недела и ќе донесат конечна одлука, со што ова ќе биде прв случај, Комисијата да побара ваква судска постапка.

Како што информираше Бендевска, само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети, на сите наставни јазици, додека учениците од трето одделение ја започнуваат оваа година без ниту еден учебник.

Учебниците по македонски, албански, турски и босански јазик не се готови. Допрва следува, како што пишува МОН, печатење, преведување и дистрибуции. Во истата фаза се и учебниците по природни науки и општество за трето одделени, а учебникот по српски јазик нема ниту одобрение од Комисијата за учебници – вели Бендевска.

Нема да има ниту учебник по математика, ниту пак е распишан јавен повика за формирање авторски тим. Овој учебник, како што додаде Бендевска, ќе мора да биде преведен на сите јазици на кои се одвива наставата.

Учениците кои ја следат наставата на албански, српски, турски и босански јазик од четврто до шесто одделение нема да имаат учебник по македонски јазик иако им е задолжителен предмет. Законот им дава можност да ја следат наставата на својот мајчин јазик, но постои обврска и задолжителност да учат и официјален јазик на Македонија. МОН тврди дека причина за ова е што пријавените автори биле несоодветни според нормативот за наставен кадар. Ракописот за петто одделение не бил одобрен од Националната комисија откако ги поминал сите фази, додека за учебникот по македонски јазик никој не пројавил интерес и нема авторски тим – вели таа.

Во овој извештај е вклучен и учебникот по Историја и општество што беше одобрен во 2022 година, но потоа во мај годинава беше повлечен поради големиот број грешки. За овој учебник, МОН велат дека е обезбеден нов авторски тим и ракописот е во „рана фаза на одобрување“.

Учениците од шесто одделение оваа година ќе немаат учебник по ниту еден задолжителен предмет, вкупно десет, за кои сè уште нема одобрување. Додека учениците од седмо до деветто одделение, оваа година ќе според старата програма, со ова претпоставува дека ќе ги користат старите учебници, освен по географија иако е одобрен, има проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот.

Вкупно 20 учебници по странски јазици како прв и втор предмет за сите одделенија од прво до деветто одделение сè уште немаат одобрение за употреба

Ако си го поставиме прашањето каква е состојбата во нашиот образовен систем во смисла на обезбедување на учебници за новата учебна година, доволно е да го отворите веб-сајтот на МОН. Ќе забележите дека на 31 август официјално МОН издало соопштение дека учениците ќе имаат учебници на први септември и веднаш следниот ден ќе забележите дека објавен е јавен оглас за рецензенти на учебници и повик за искажување на јавен интерес за формирање на авторски тимови за пет учебници, што значи постапката започнува бидејќи огласот трае до 15 дена до три месеци – вели Бендевска.

Според соопштенијата што МОН ги објавуваше на официјалната веб-страница, учениците кои немаат учебници по одредени предмети ќе се послужат со помошни материјали кои се достапни на онлајн на Бирото за развој на образованието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот