„Кроација рекордс“: Конески се врати дома на компакт-диск

По цели 40 години, откако „Југотон“ ја објави грамофонската плоча „Проста и строга македонска песна“, каде што поезијата на книжевниот великан Блаже Конески музички ја илустрираше големиот македонски, хрватски и воопшто, југословенски композитор Љубомир Бранѓолица, со дозвола од најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“, која ги сочува снимките, поезијата на Конески е повторно меѓу слушателите.

На стогодишнината од раѓањето на човекот што толку многу направи за македонскиот јазик, а во чест на 30-годишнината на независна и суверена Македонија, благодарение на Владата на РСМ, „Везилка“ повторно ја раѓа единствената и волшебна „Проста и строга македонска песна“, овој пат во еден современ дигитален формат. За некои нови поколенија.

Во драматична интерпретација на Цветанка Трпкова, стиховите на Конески одново ечат и ежат, како да се пишувани токму за ова време. Како да се создавани токму со намера да кажат и да покажат дека не сме дрво без корен, дека „Тешкото“ е нашата судбина и нашата коб, и дека Македонците сѐ уште се борат за своите правдини.

Блаже Конески – „Проста и строга македонска песна“, во пресрет на празникот 8 Септември, како компакт-диск, читателите на „Слободен печат“ ќе го добијат со секој број на весникот, со што продолжува успешната соработка со дискографската куќа „Кроација рекордс“.

Точниот датум за овој голем дискографско-издавачки потфат, во чест на 100 години од раѓањето на Блаже Конески, 40 години од винилното издание на „Проста и строга македонска песна“ и 30 години самостојна и независна Македонија, наскоро ќе биде објавен.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот