Ковид-19 и менталното здравје на жената: Самохраните мајки и жртвите на семејно насилство се најпогодени од пандемијата

facebook

Можеби најзастрашувачка е судбината на жените жртви на семејно насилство. Препораката „Остани дома, остани безбеден“ не важи за сите. Домот не е безбедно место за жените кои трпат семејно насилство.

Ковид-19 епидемијата има сериозно влијание врз менталното здравје на сите, апосебно врз жената.
Најгoлем дел од вработените во здравствениот сектор кои се на првата борбена линија со ковид-19, а се со посебен ризик како за менталното, така и за соматското здравје, како лекари, медицински сестри, негователи, се жени.

Жените се под посебен ризик

Голем дел од жените кои се вработени во здравствениот сектор се на средна возраст и се соочуваат со сопствени здравствени предизвици, од друга страна имаат улога во менаџирање како во домот така и на работа, а и се грижат за своите повозрасни родители. Секојдевното ментално и телесно исцрпување во однос на завршување на работните обврски, прекувременото работење, работењето со пациенти кои се можен извор на зараза како за себе така и за своите блиски, соочување секојдневно со тежината на болеста кај овие пациенти, смртниот исход на некои од нив, ги прави здравствените работници посебно вулнарабилни кон нарушување на своето ментално здравје и развивање на т.н. „бурн оут“ синдром или синдром на согорување. Овој синдром се карактеризира со нарушување на сонот, зголемена раздразливост, немир или повлекување, чувство на страв, несигурност, плачливост, нарушување на интерперсоналните релации, нарушување на телесното здравје…

Profimedia
Фото: Профимедиа

Жените се тие кои се во најголем дел вработени во сферата на образованието, во значителен број работат во социјалните служби и имаат задача да се грижат со друга ранлива категорија како што се деца без родители или постари лица, особено во домовите за стари или болни лица.

Сите овие сектори се под најголем удар во периодот на пандемијата, од друга страна голем дел од жените работат во дејности кои се со несигурен или без никаков профит, како што се услужните дејности.

Резултатите од светските истражувања укажуваат дека голем дел од населението се соочило со економска криза, но сепак, таа повеќе ги погодува жените. Имено, бројките велат дека многу повеќе жени останале без работа, особено оние кои работат во дејности со несигурна заработувачка, услужните дејности, а од друга страна, поголем дел од жените биле принудени да останат дома со цел да се грижат за своето семејство, без да имаат право на избор.

unsplash

Се смета дека жените се позасегнати и во однос на работењето од дома, имено, жената е таа која е задолжена за неформалната грижа во семејните улоги, најголем дел од децата останаа дома, децата кои одат во училиште ја следеа наставата од дома, па кај мајките се зголемија обврските околу грижата и совладување на училишните задачи. Истражувањата укажувааат дека менталното здравје е со поголем ризик за нарушување кај оние брачни или партнерски двојки кои имаат деца со развивање на т.н. родителско согорување со раст на напнатоста, раздразливоста дури и насилно однесување во семејството, за разлика од оние двојки кои немаат деца. Во оваа смисла на зборот, повторно под поголем ризик се мајките, тие се најчесто повеќе дома, растргнати околу професионалните обврски, училишните обврски на децата како и околу грижата за останатите членови од семејството особено доколку има дополнително нарушување на здравјето на некој член од семејството како што се постарите лица.

Ризични групи на жени

Друга ризична група од женската популација се самохраните родители, се смета дека повеќе од 70 отсто од вкупниот број на самохрани родители се мајки.

Самохраните родители имаат отежнувачка задача да се трудат да ја сочуваат својата работа која е извор на егзистенција, а од друга страна немаат резервен родител доколку е потребно некој да остане дома со децата. Сево ова значи зголемено чувство на страв, несигурност и небезбедност.

Во време на ковид-пандемијата одговорноста за себе и грижата за своето семејство е зголемена, а чувството на несигурност и загрозеност е во пораст.

Жените пак, кои се во период на бременост или после породувањето се соочуваат со стравови и дилеми околу текот на нивната бременост, евентуалниот ризик од зараза, влијанието на вирусот врз бременоста, неможноста за грижа околу бебето, процесот на доење и нега.

Profimedia
Фото: Profimedia

Овие мајки имаат потреба од засилена психолошка поддршка и поради тоа што посетите кај своите матични гинеколози и педијатри се редуцирани и отежнати, а и поради потребата за редукција на напнатоста и вознемиреноста како услов за уредна бременост и постнатален период.

Можеби најзастрашувачка е судбината на жените жртви на семејно насилство. Препораката „Остани дома, остани безбеден“ не важи за сите. Домот не е безбедно место за жените кои трпат семејно насилство.

Затворањето дома покажува значаен пораст на семејното насилство за 50 отсто или повеќе, а пристапот до сервисите за помош е намален. Пораст за 40-50 отсто семејно насилство има во Бразил, 25-30 отсто пораст на јавувањата на лините за помош во Франција, Британија, Шпанија по само неколку дена од почетокот на карантинот. Жртвите на семејно насилство развиваат т.н. сложено или (Complex) пострауматско нарушување (ПТСД) воведено во МКБ 11, кое се смета дека се развива кај жртви на екстремно насилство како мачење, геноцид, или повторувано домашно насилство, а ги вклучува сите критериуми за посттрауматско стресно нарушување (ПТСД), но и:

– Тешки и опстојувачки афективни потешкотии
– Верувања за себеси како безвредни, бескорисни, губитници, понижени со длабоко чувство на вина, срам поврзано со трауматскиот настан
– Значајни потешкотии во создавање или одржување близина со другите
– Дисоцијативни феномени

Profimedia
Фото: Profimedia

Затворањето дома значи заштита од зараза, но значи и повеќе време со насилникот, поголема негова контрола на ситуацијата со помалку страв од можните законски последици.

Економската несигурност, нестабилност и здравствената несигурност ја зголемуваат напнатоста, злоупотребата на алкохол и намаленaта контрола на агресивните пулзии кај насилникот. Со ова се зголемува и трпењето на жената – жртва на насилничкото однесување со појава на психолошки потешкотии во правец на посттравматско стресно растројство.

Ова укажува на потребата од зголемена будност на сите служби во општеството на повиско ниво, со цел поголема пристапност и олеснување на жртвите на семејно насилство.

Можеби тоа значи полесно препознавање од страна на матичните доктори, докторите во ургентните центри, но и во маркетитте, аптеките и во полициските служби. Ова би значело доколку жртвите не можат да нѐ најдат, да ги најдеме ние и да им помогнеме.

Препораките се:

– Планирање и развивање на сервиси за поддршка
– Локална стратегија и мултицентрична поврзаност
– Скроена помош и поддршка за секоја индивидуа, вклучувајќи и правна помош
– Посебна поддршка за деца, жени, стари лица или лица со ментални растројства
жртви на домашно насилство
– Едукација на здравствени и социјални работници
– Психолошки и фармаколошки третман

Проф. д-р Славица Арсова, психијатар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот