Коронавирусот не пребира дали си славен или богат: Прочуениот дизајнер на чевли Серџо Роси починал сам, во студен болнички кревет

facebook

Неговите блиски ќе го паметат како сонувач, Италијанците ќе го паметат како човек кој го направи престижен поимот „мејд ин Итали“, а светот – по неговите скулптурни чевли.

За жал, приказната на Роси заврши слично со онаа на илјадници луѓе во Италија и низ целиот свет, кои не напуштија поради коронавирусот.

Болна смрт, уште потажна поради тоа што Италијанците, поради домашната изолација, не можат за последен пат да се простат од саканата личност, славниот креатор на чевли Серџо Роси (85) и да му направат погреб каков што заслужува.

Но, италијанскиот печат е преполн со написи посветени на модниот гениј, со биографии во кои го нарекуваат – интелектуалецот на обувките. Починал сам во студен болнички кревет и далеку од семејството. Неговиот живот завршил на инфективниот оддел во болницата Буфалини во Чесена.

Како дете чевлите му биле играчки, а чевларницата – игротека

Дизајнерот, роден во 1935 година, е син на уметноста. Всушност, тој го наследил занаетот од неговиот татко кој бил чевлар во малото италијанско гратче Сан Мауро Пасколи. Од мали нозе, од татко му го учи чевларскиот занает, а го наследил и неговиот естетски вкус, со големо внимание на деталите. Како дете растел во дуќанот на татко му, чевлите му биле играчки, а чевларницата – игротека.

Уште во раната младост почнал да работи како чевлар, а подоцна почнал и да дизајнира чевли. Токму таа прецизност во изработката, квалтетот и посветеноста на деталите, за кратко време на Роси ќе му донесе успех.

Студиите во Милано го продлабочиле неговиот уникатен, елегантен стил, подоцна признат од sвездите и обичните жени од целиот свет. Првиот дуќан за чевли, по студиите го отворил во родното гратче, Сан мауро Пасколи.

Во шеесеттите години, за време на италијанската естетска револуција, кога било модерно да се носат високи кожени чизми со патент, Серџо Роси се појавил на италијанската модна сцена.

Успехот на Серџо бил поврзан со производство на обувки за италијанските брендови од високата мода. Така започнал со континуирано производство на чевли и модни додатоци. Тоа било во 1968 година. Неговиот дебитантски модел, наречен „Опанка“, бил прифатен со воодушевување – елегантни сандали со едноставен дизајн, но со ергоносмки ѓон, дизајнирани за вечерни излегувања. Две години подоцна, го лансирал легендарниот модел „Годива“, елегантни салонки со шпицест врв и високи потпетици.

Роси се фокусирал на женските чевли кои му овозможувале поголема имагинација и иновативност. Неговите соништа биле големи, а имал и големи планови. За брзо време успехот стигнал, Серџо Роси станал синоним за квалитет и префинета естетика низ цела Италија. Тоа било доволно за да може да основа сопствена фирма под сопственото име.

Прочуениот Хелмут Њутн му ја обезбедил почетната слава

За првите рекламни кампањи за неговите први колекции на чевли произведени под марката „Серџо Роси“, тој го ангажирал прочуениот моден фотограф од светска класа, Хелмут Њутн. Благодарение на светската слава на Њутн, кој веќе ги фотографирал прочуените манекенки и филмски ѕвезди, и бил всушност еден од најбараните филмски и модни фотографи во светот, Серџо го свртел вниманието кон неговите чевли и тоа директно од филмската елита. Неговите чевли први ги облекле Анита Екберг и Силвана Мангано. Така започнало вртоглавото искачување на Роси на скалилата на славата.

По отворените монобренд продавници во неколку градови низ Италија, следувале продавниците во странство, најпрво во Америка, а потоа и низ Европа. Неговата компанија продолжила да се проширува низ целито свет,  сè до пресвртот во 1999 година, кога 70% од компанијата ја продал на групацијата „Гучи“. Шест години подоцна, славен и богат, ги продал и останатите проценти.

Влог во синот Џанвито

Во меѓувреме пак, вложил многу во знаењето и естетската надградба на талентираниот син, Џанвито Роси. Всушност, Џанвито во модниот бизнис, исто како и Серџо, бил од самото раѓање, израснал во станот кадешто живееле – над семејната фабрика, вечно опкружен со неодоливата миризба на кожата. Кога веќе бил доволно профилиран за да основа сопствена марка, Серџо ја продал фирмата, но името веќе било тука. Прочуено насекаде низ светот. Така, во 2006 година бил основан брендот „Џанвито Роси“.

-Буквално растев меѓу чевли, за мене тие беа играчки, а фабриката беше игралиште. Сè што знам научив од татко ми, а тоа што му се придружив во работата не беше воопшто избор, туку нешто сосема природно, открил Џанвито Роси.

И Џанвито се фокусирал на женските чевли. Денес неговиот дизајн може да се купи во над 250 продавници низ светот, а заработката е над 60 милиони годишно. Неговите модели во последната деценија се и најкопирани модели. Исто како што чевлите на неговиот татко ги носеле најголемите холивудски ѕвезди, така и чевлите на Роси ги красат црвените ќилими и се „маст хев“ во светот на славните и богатите – од Џиџи Хадид до Анџелина Џоли, Бијонсе, Пенелопе Круз…

По продажбата на брендот „Серџо Роси“, Серџо успешно се впуштил во бизнис со недвижнини. Но, чевлите му останале во крвта. Затоа основал училиште за дизајн на чевли „Черкал“, кадешто и самиот држел предавања, а помагал и во работата на компанијата на синот, Џанвито.

Пред смртта на Роси, семејството донирало 100 илјади евра за борба против коронавирусот 

Веста за смртта на Серџо Роси ја објави неговиот син на официјалниот Инстаграм профил Серџо Роси.

Дизајнерот починал ноќта на 2 април во болницата Буфалини во Чесена, каде што бил хоспитализиран од 27 март. Здравствената ситуација му се влошила веднаш откако бил откриен вирусот. А, само неколку дена претходно, брендот „Серџо Роси“ донел одлука да донира 100 илјади евра и 100% од продажбата на Интернет од 14 до 20 март во болницата Сако во Милано.

Донација од 100 илјади евра за болниците дал и Џанвито Роси со семејството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот