Коронавирус: Како ќе се вакцинираат 7,7 милијарди луѓе?

EPA-EFE
Фото: EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Директорката на организацијата Центар за глобален развој, која се занимава со политиката на јавното здравје, Калипсо Чалкида, како и Никол Хасун, етичар од Универзитетот Бингамтон во САД, ги разгледуваат петте предизвици во процесот на вакцинирање против ковид-19, кој треба да опфати неколку милијарди луѓе ширум светот.

Како да се пренесе вакцината која требада се чува на температура од -70 степени Целзиусови, дали постои доволно добро обучена работна сила за спроведување на вакцинацијата и како сите држави ќе ја набават вакцината, се само некои од потенцијалните проблеми.

– Најпрво вакцината мора да биде произведена во голема количина, а во идеален случај да се наоѓа во близина на населеното место каде ќе започне да се користи, што зависи од самата вакцина. Најпрво морате да ја купите, односно некој да даде пари за набавка на таа вакцина, а потоа таа треба да стигне до луѓето, да биде дистрибуирана – вели директорката Чалкиду, која потоа ги објасни петте најголеми предизвици во дистрибуцијата на глобална вакцина.

1. Потребно да се стекне довербата кај јавноста

Основниот проблем при процесот на вакцинација е како да се стекне довербата кај луѓето, односно поголемиот дел од граѓаните треба да изразат желба да ја примат вакцината против коронавирусот. 

-Луѓето треба да сакаат да ја примаат вакцината, затоа е потребно да бидат информирани и убедени дека тоа е вистинската работа за нив и нивните семејства, затоа што е неопходно поголемиот дел од населението да се вакцинира за самата вакцина да биде успешна – смета Чалкиду. 

Таа смета дека ова е почетната фаза, без која сепак целиот овој процес нема да биде успешен.

2. Вакцината мора да се чува на ладно

Во зависност од видот на производот, таа може да се чува или во замрзнувач или во многу ладен ланец за достава на вакцини на минус 70-80 степени. Вакцината ќе пропадне доколку не се чува во такви услови. Тешко е да се замисли како тоа ќе функционира во услови во кои, на пример, нема струја, вели Чалкиду.

Токму со тој проблем би можеле да се соочат делови од подсахарска Африка, каде само 28 отсто од здравствените установи имаат пристап до струја. Поради ова компаниите се обидуваат да го надминат овој проблем со користење на кутии со сув мраз, опремени со термални сензори.

– Некои од нив на пример, набавуваат фрижидери со соларни панели, преку кои производите ќе можат да стигнат до оние на кои им се потребни – додава Чалкиду. 

3. Добро обучена работна сила

Потребни се стручни лица кои ќе работат со вакцините, смета Чалкиду, која додава дека медицинските работници ќе мора да поминат специјална обука за тоа. 

– Некои вакцини неможат да ги даваат луѓе кои поминале општа обука, бидејќи за некои од нив се потребни посебни знаења. Можеби ќе бидат потребни и различни нивоа на обуки за вакцината да се извади од ултра ладните фрижидери или да се раствори на лице место, зависно од видот на вакцината – вели Чалкиду.

4. Овозможување на пристап до здравствените установи

Хасун од Универзитетот Бингамтон нагласува дека е многу важно на граѓаните да им се овозможи пристап до здравствените установи каде тие треба да ја примаат вакцината.

-Да земеме пример дека живеете во оддалечено село во Филипините, па ви се потребни осум часа за да пристигнете до медицинска установа пешки, со велосипед или чамец. Во тој случај е тешко да се достават овие вакцини до сите луѓе. Исто така, ако живеете во сиромашна земја, која е на раб од егзистенција и ако не работите тој ден, тоа значи дека вашите деца нема да јадат тој ден. Тогаш како ќе стигнете до клиниката за да ги вакцинирате? – прашува Никол Хасун.

5. Да се обезбеди вакцина и за сиромашните земји

Процесот на рамноправна вакцинација исто така може да биде предизвик, посебно за посиромашните земји, кои ќе имаат проблем во делот со набавувањето на вакцината за својот народ.

-Една од важните опции за луѓето во посиромашните земји да дојдат до вакцината е преку Ковакс иницијативата, во која соработуваат земји кои заеднички се договориле да ја дистирбуираат вакцината. Оваа иницијатива овозможува околу 20 отсто од светското население да ја добие вакцината до крајот на 2021 година – вели Хасун. 

Сепак, таа додава дека и земјите кои се поразвиени, а кои се дел од тој систем ќе можат на тој начин да се снабдат со вакцина, но сепак посочи и дека за неа ова е најдобар начин и посиромашните земји да ја добијат вакцината.

– Но, дури и некои од поразвиените земји кои се дел од иницијативата, како некои земји од ЕУ, на пример Велика Британија, исто така ќе има право да порача дел од тие резерви. Сепак, сметам дека тоа е најдобра прилика за сиромашните земји да дојдат до вакцина – смета Хасун.

Чалкиду вели дека отприлика за две години цел свет би можел да ја прими вакцината.

– Најоптимистичното сценарио е за 12-18 месеци, најверојатно за две години, цел свет да биде вакциниран, но богатите земји ќе стигнат до вакцина први, и тоа е факт – нагласи Чалкиду. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот