Короната нема да ја скрати колоната гласачи?!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ќе излезат ли повеќе од милион граѓани на гласање на 15 јули, колку што вообичаено излегуваат на парламентарните избори во Македонија? Во последните три изборни циклуси излезноста беше над 62 отсто, а на претходните два, во 2008 и во 2006 година, над 55 отсто, но досега ниедни избори не се одржале во време на пандемија со смртоносен респираторен вирус.

Според досегашните анкети, може да се очекува дека и покрај вирусот повеќе од половината од запишаните избирачи ќе гласаат, но досегашните искуства покажуваат дека на денот на гласањето излегуваат помалку гласачи од процентот што се очекувал. Фактор се и затворените државни граници, па голем број наши граѓани што се на привремена работа во странство, а се запишани за гласање во Македонија, нема да можат да дојдат и да гласаат.

Аналитичарите потврдуваат дека за парламентарен избори не е потребен цензус, па колку и да излезат избирачи, избраните пратеници и Владата секако дека ќе имаат легитимитет. Сепак, посакувано е да бидат избрани со повеќе од 50 отсто од вкупниот број запишани на Избирачкиот список за да не може опозицијата да им го оспорува и легалитетот.

Кому му одговара мала излезност?  

Според Џабир Дерала од организацијата „Цивил“, која ќе ги набљудува претстојните избори, анкетите се менуваат од ден во ден и до крајот на кампањата и до денот на гласањето во среда во 21 часот може да се зголеми мотивираноста и бројот на оние што ќе излезат да гласаат.

– Поголем проблем од короната за излезноста на овие избори е дејствувањето на разни политички ентитети во овој период, партиски и парапартиски структури, без разлика дали имаат врска со една, втора или трета страна. Тие прават поголема штета за желбата на граѓаните да учествуваат на изборите од коронавирусот. Стравот од вирусот не е толку присутен колку што некои партиски структури се обидуваат да го наметнат, а гласањето ќе биде безбедно онолку колку што сите ќе се потрудиме да биде, а тоа зависи пред сѐ од домашното воспитание и култура на секој гласач – вели Дерала за „Слободен печат“.

Според него, интересно прашање е кому му одговара мала излезност на изборите.

– За разлика од вообичаените текови во светот кога на партијата што е на власт ѝ одговара помала излезност за да има колку-толку поголема шанса да ја задржи власта, кај нас ситуацијата е обратна. Високата излезност кај нас гарантира не само разновидност во резултатот и на политичката сцена, туку и доминација на оној прогресивен дел од гласачкото тело кој е за  напредок на патот кон ЕУ итн. Помалата излезност повеќе им одговара на конзервативните и десничарските партии кои со своите националистички понуди повеќе се обраќаат кон своите дисциплинирани гласачки тела, т.н. партиски војски отколку на поширокиот електорат – вели Дерала.

Професорот Ѓорѓи Спасов смета дека на изборите може да се случи помала излезност поради коронавирусот, но не така драматична, а ситуацијата ја споредува со Хрватска, каде што на парламентарните избори во 2016 година имало излезност од 52 проценти, а сега од само 47.

– Кога немаше коронавирус во Македонија во 2016 година излезноста беше 67 отсто, тоа значи дека ако се намали за околу 10 отсто или помалку како во Хрватска, очекувам таа да биде некаде околу 59 отсто – вели Спасов, кој додава дека со поголема излезност партиите си обезбедуваат поголем легитимитет за своето владеење, затоа што излезноста значи учество на што повеќе граѓани во креирање на институциите.

Мнозинство анкетирани ќе гласаат

Според најновата анкета објавена вчера од агенцијата „Стратум Р&Д“, коалицијата „Можеме“ има поддршка од 25 отсто, ВМРО-ДПМНЕ 23 отсто, ДУИ седум, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива пет отсто, а на прашањето дали ќе гласаат 44 проценти одговориле дека сигурно ќе гласаат, 27 отсто дека веројатно ќе гласаат, 12 проценти дека веројатно нема да гласаат, 10 отсто дека сигурно нема да гласаат, три отсто одбиле да одговорат, а четири проценти не знаат.

Во анкетата на „Брима галуп“ 41 отсто од испитаниците одговориле дека сигурно ќе гласаат, а 18,3 отсто дека нема да гласаат. Останатите би гласале со различен степен на веројатност, а  имаат поголема наклонетост кон гласање.

И во анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ) 40 отсто од испитаниците одговориле дека сигурно ќе гласаат, а 29 отсто дека веројатно ќе гласаат. Од оние што кажале дека нема да излезат на изборите, најголем дел или 22 отсто рекле дека не гласаат поради страв од коронавирусот, 15 отсто рекле дека ќе бојкотираат, а 12 отсто дека се незадоволни и разочарани од сите партии.

Слични резултати објави и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во заедничката анкета со ТВ Телма, според која 67 отсто се изјасниле дека ќе гласаат.

„Како и во многу претходни анкети, испитаниците во големо мнозинство (67 отсто) изјавуваат дека ќе излезат на гласање, но вообичаено излезноста во реалноста на самиот ден на изборите е помала, па затоа и сега треба да се земе со резерва ова изјаснување особено ако се има предвид дека оние што се сигурни дека ќе излезат на гласање се помалку од половината од испитаниците. Покрај тоа, за речиси половина од граѓаните (49 отсто), актуелната ситуација со ковид-19 ќе има влијание на нивната одлука дали ќе излезат на гласање“, се вели во анкетата на МЦМС.

Државната изборна комисија на 1 јули го заклучи Избирачкиот список и право на глас на 15 јули ќе имаат 1.814.263 гласачи. Во изводите на ИС се запишани 1.729.189 лица, а во посебните избирачки изводи се запишани 83.054 лица кои се иселиле или работат во странство. Во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старечките домови 357 и шест гласачи се водат како внатрешно раселени лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот