Корисниците од Чаир и Бутел пак ќе добијат парно греење, ЕСМ потпиша договор со топланата „Скопје Север“

Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) го платила природниот гас наменет за топланата „Скопје Север“ за испорака на греење и потрошувачите во општините Чаир и Бутел од утре наутро повторно ќе имаат парно греење, соопшти ЕСМ.

Покрај тоа, „Скопје Север“ го потпишала договорот за деловно-техничка соработка со ЕСМ, за што ЕСМ на почетокот на грејната сезона доби задолжение со одлука од Влада, а по барањето искажано од АД „Скопје Север“ за финансиска поддршка за набавка на гас, информираат од државната компанија.

-АД ЕСМ со средства добиени наменски од Буџетот на Република Северна Македонија во текот на попладневните часови изврши плаќање на потребните количини гас кај добавувачот на АД Скопје Север, Макпетрол пром-гас, по што природниот гас ќе биде најбрзо испорачан до АД Скопје Север за во што пократок рок да почне повторната испорака на топлинска енергија. Договорот е потпишан и од АД Скопје Север и од сопственикот АД Топлификација во стечај, и дадени се гаранции за средствата кои ќе бидат вложени од страна на АД ЕСМ во текот на оваа грејна сезона. Исто така, АД ЕСМ преку свој прокурист и врзан потпис ќе го контролира работењето и исплатите од акционерското друштво корисник на средствата, соопшти АД ЕСМ.

Видео на денот