Контра мерки: На работа само вакцинираните, во кафеана- сите останати!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

И ние сме таков народ. На пример можеш да ни забраниш сè, ама не ни чепкај кафана. Ние едноставно мораме таму да одиме по секоја цена, во секоја пригода. И болни и здрави.

Онаа, партијана на Славеј Трифонов има навистина оригинално име-„Има таков народ“. Тоа е всушност узречица што се користи на Балканот за секој народ одделно и може да се однесува за сè и сешто.
И ние сме таков народ. На пример можеш да ни забраниш сè, ама не ни чепкај кафана. Ние едноставно мораме таму да одиме по секоја цена, во секоја пригода. И болни и здрави.

Со последните мерки за заштита и превенција од Ковид-19 кои Владата ги донесе се забранува секаков тип на настани и работа на угостителски објекти на затворено, од 16 август и задолжителна потврда за вакцинација, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.

И сега одеднаш „врие“ меѓу граѓаните, дека тоа било дискриминација.
Дискриминација за одење у кафана!

Ги гледам бабине, во анкетите по улица и не сум знаел дека тие се дискриминирани со новите мерки на Владата, затоа што нема да можат да влезат во кафана! Или нема да смеат да одат на поголем семинар со над 30 души! Фала богу ќе одморат малку дома, од нив не можеше место у кафана да најдеш!
Види чудо! Тоа ги натера граѓаните масовно да се вакцинираат! Па дури и да чекаат по два часа на вакциналните пунктови!

Не е за верување, но очигледно е заради кафеаните! Да беа мерките на Владата за одење на работа, никој немаше да се вакцинира. На пример на работа да смеат да одат само вакцинирани, најмалку со една доза или уште подобро со две. Оние што прележале и имаат анти тела можат и тие, ама само ако сакаат. А у кафана само невакцинирани.
Каква дискриминација би било тоа?

Мерките на Владата се такви какви што се. За многумина се задоцнети и се недоволни. Но тие дојдоа како последица на непочитување на досегашните мерки кои беа релаксирачки и кои доведоа до енормно зголемување на заболени од ковид 19, токму поради семејните веселби и свадбите.
А што всушност предвидуваат мерките.

Угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично) можат да ја организираат работата како ресторани на отворено, во отворениот дел од угостителскиот објект, и тоа со присуство на музичари, согласно соодветниот наменски протокол.
Значи забраната се однесува само за затворените делови од објектот. Што од ова создаде толку револт во јавноста!

Но во земјите кај што има таков народ, постои симбиоза меѓу угостителите и гостите. Тие се едно. Граѓаните се загрижени за угостителскиот бизнис, а угостителите за дискриминацијата на граѓните. Едните лобираат за другите.

Ваква демократско-дискриминаторска дебата се водеше и кога се носеше законот за забрана за пушење во затворените делови од угостителските објекти. Веќе заборавивме кој тогаш беше дискриминиран, а кој репресиран. Но тој закон влезе во пракса и се покажа корисен. Штета што веќе не се почитува. И тогаш и сега „нај виновна“ е Владата (и комисијата за заразни болести) која „измислува“ мерки за заштита на граѓаните, од нив самите.

Но што да се прави, ние сме таков народ! Велат на сила на некого можеш да му земеш, но не можеш да му дадеш!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот