Композиторката Валентина Велковска-Трајановска е реизбрана за Претседател на СОКОМ
На Изборното собрание одржано на 22 февруари 2023 година, членовите на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) ја искажаа својата доверба со раководењето на Сојузот со нов мандат од две години на претседателката на Претседателството на СОКОМ, композиторката проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Претседателството на СОКОМ е во состав: композиторите проф. Живојин Глишиќ, проф. м-р Јана Андреевска, проф. д-р Горан Начевски и м-р Борис Светиев, и музиколозите проф. д-р Стефанија Лешкова Зеленковска и д-р Мирјана Павловска Шулајковска. Редовните членови на СОКОМ го реизбраа и Претседателот на Собранието, проф. д-р Јане Коџабашија.
Меѓу клучните постулати на предложената програма за следните две години на претседателката, проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, може да се споменат намерите за интензивирање на заложбите за афирмација на творештвото на композиторите од поголем обем и нивните монументални музичко-уметнички дела, меѓународната презентација, соработката со институциите од областа на музичката култура, заштита на нотните материјали, легатите, стимулирање на ангажираноста на сите членови на СОКОМ.



