Фото: Pexels

Колку електронските цигари им штетат на домашните миленици?

Додека милиони луѓе практикуваат вејпинг во удобноста на својот дом, ветеринарите предупредуваат дека тоа може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај домашните миленици. Освен повраќањето, кое е една од поблагите последици од дејството на електронските цигари, кај милениците може да се појават и прекумерно лачење плунка, кожни заболувања, алергии, проблеми со очите, срцеви заболувања, респираторни тегоби, а во ретки случаи и рак. Дополнително, мачките се склони кон астма и можат да се отрујат преку лижење на пареата што се таложи на нивното крзно, додека кучињата се подложни на бронхитис, пишува „Сан“.

Ветеринарите одамна предупредуваат на штетните ефекти од пасивното пушење кај домашните миленици, бидејќи никотинот од цигарите е исклучително токсичен за животните. Пареата од електронските цигари содржи бројни хемикалии кои можат да ги иритираат чувствителните дишни патишта на милениците, особено кај мачките. Посебно загрозени се и птиците, како и малите животни, на пример зајаците. Доколку некој користи вејп или електронски цигари во домот, а има мачка, постои потенцијален ризик од појава на проблеми со дишењето и други здравствени компликации. Исто така, постои опасност миленикот да џвака или проголта делови од електронската цигара, самиот уред, течноста за вејп или батеријата.

Затоа, доколку не сакате да се откажете од оваа навика, а имате домашен миленик, внимавајте на појава на кашлање, гушење, кркорење или каква било промена во дишењето кај вашата мачка или куче и веднаш обратете се кај ветеринар.

За да се обидете да ги ограничите штетните последици врз милениците, избегнувајте користење електронски цигари во нивна близина кога е тоа можно, редовно проветрувајте го домот и држете ги електронските цигари надвор од дофат на животните. Најдобра опција е вејпингот да се практикува надвор, со цел домот да се ослободи од чад и испарувања. Не ги оставајте електронските цигари во иста просторија каде што престојуваат вашето куче или мачка и не фрлајте кертриџи или дополнувања во канти за отпад кои милениците често ги пребаруваат.

Предупредувањата на ветеринарите дополнително се засилија по студијата објавена во списанието „Џурнал оф смол анимал практис“, која анализирала повеќе од 300 случаи на кучиња изложени на течности за електронски цигари и вејп-уреди во периодот од 2011 до 2024 година. Истражувањето покажало дека, иако кај многу миленици се јавиле поблаги симптоми, некои претрпеле тешки труења, а забележан е и најмалку еден смртен случај.

Во одделни ветеринарни клиники биле лекувани кучиња кои проголтале батерии од вејп-апарати, а донесени биле и миленици со сериозно отежнато дишење, особено оние кои веќе боледуваат од астма или бронхитис. Нивната состојба се влошува под влијание на иританси во воздухот, а вејп-уредите се исклучително опасни доколку милениците ги џвакаат или голтаат. Течните состојки, како никотинот или пропилен-гликолот, како и оштетувањето од батериите и куќиштата, можат дополнително да ги загрозат внатрешните органи на домашните миленици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот