Колективната тужба на ОПМ „виси“ поради недонесувањето на Законот за парнична постапка
Во моментот наместо колективна тужба, потрошувачите мора индивидуално да тужат на суд. Европските земји, се обврзани да ги воведат колективните тужби од 2020 година, а оние земји кои сакаат да влезат во ЕУ, ќе мора да го сторат тоа во текот на евроинтегративниот процес
Додека не се донесе Законот за парнична постапка, Организацијата на потрошувачите на Македонија како овластено тело не може да поднесе колективна тужба за граѓаните групно да издејствуваат отштета доколку им се нарушени правата не само пред банките, туку и осигурителните компании, друштвата за брзи кредити итн. Поради овие причини, според Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ, засега се оди со индивидуални тужби пред судовите, кои не само што се скапи, туку и се одолговлекуваат.
Препорачано
Сепак, граѓаните кои веќе подолг период реагираат на превисоките сметки за струја, не може да сметаат на колективна тужба, бидејќи според Лончар Велкова, се работи за различни суми и судовите нема да може да им пресметаат отштета. Законот за парнична постапка подолг период се „влече“ низ кулоарите на Министерството за правда и откако го помина и второто читање во Собранието, тој во јануари беше повлечен од процедурата без никаков објаснување!? Затоа ОПМ инсистира на формирање на меѓуресорска група од министерствата за правда и за економија и труд, за што побрзо да се расчистат работите и Законот кончено да го види светлото на денот.
-Во моментот македонските потрошувачи имаат помалку права од европските, бидејќи случајно или не, при донесувањето на новиот Закон за заштита на потрошувачите во него не беше вметната Директивата за претставнички тужби на ЕУ од 2020 година. Затоа и колективната тужба не е во функција, а Директивата покрива дури 64 разни области – објаснува претседателката на ОПМ.
Во моментот ОПМ поднесува индивидуални тужби против осигурителните компании кои лани преку ноќ ја поскапеа цената на полисите за автоосигурување. Тие им пружаат бесплатна правна помош на граѓаните и се надеваат дека пред македонските судови ќе докажат дека граѓаните се оштетени и треба да добијат поврат на средствата кои ги преплатија.
-Разговараме и со Министерството за економија, бидејќи во нивен состав е Пазарниот инспекторат, но тој нема надлежности во доменот на тужбите – додаде Лончар Велкова.
И заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, оцени дека ова е добра можност за заштита на правата на потрошувачите и сите позитивни искуства од ЕУ треба да се искористат. За темата зборуваше и Елизабет Брагина, претставник на Европската потрошувачка организација, која рече дека ова е голем предизвик за потрошувачките организации ширум Европа.
Колективната заштита овозможува да се добие надомест за сите потрошувачи кои претрпеле штета од некоја компанија. Таа потекнува од САД и е позната како ,,клас-екшн“, а се применува во заштитата на животната средина, потрошувачките и работничките права, дискриминација по која било основа и сл. Европските земји, беа обврзани да ги воведат колективните тужби од 2020 година, а оние земји кои сакаат да влезат во ЕУ, ќе мора да го сторат тоа во текот на евроинтегративниот процес. Проценките на Здружението на српските банки покажуваат дека во еден момент биле активни дури 220.000 – 250.000 „масовки“ поради трошоците за обработка на кредитите, а бројот на индивидуални корисници кои се јавувале како тужители се движел меѓу 50.000 и 80.000!


