Коксаки вирус Фото: Wikimedia Commons

Коксаки вирусот ги испразни јаслите во градинката „Пролет“ во Влае

Скоро сите деца од најмалата јасли група од градинката „Пролет“ клон „Сончоглед“ во Влае се болни од „коксаки“ вирус. Мајка на едно од децата која се јави во редакцијата вели дека кај дел од децата денес се појавила и зголемена телесна температура, а скоро сите имаат красти и црвенило по телото. Во Министерството за труд и социјала велат дека само едно дете е заболено со коксаки.

– Од страна на градинката „Пролет“ како Министерство за труд и социјална политика бевме информирани дека во заедничка група наменета за меѓусебна комуникација на родителите на ден 21.05.2023 година (недела), една од мајките се изјаснила дека нејзиното дете е заболено со коксаки вирус. На мајката и е укажано детето да не се носи во градинка и воедно останатите родители се известени за состојбата на детето. Во меѓувреме од страна на родителите не е пријавено дека друго дете е болно од коксаки. Денес дел од децата се однесени на доктор со цел испитување на нивната состојба и превенција од ширење на вирусот- велат во ресорното министерство. Од таму апелираат секој родител да биде совесен и одговорен и да ја пријавува здравствената состојба кај учителките.

Исто така посочуваме постојано до родителите да не ги носат децата болни во градинка, да пријавуваат кога се отсутни која е причината. Доколку имаме информација за било која болест, бактерија, родителите се известени и препорачано е да ги следат децата или да приложат брис доколку е бактерија во прашање- велат во МТСП.

Во меѓувреме сменет е и начинот на влегување на децата во градинката. Откако се појави вирусот сега децата ќе влегуваат на главниот влез и топлинки ќе облекуваат пред занималната.

– На нас родителите ни рекоа дека за да ги вратиме децата во градинка мора да однесеме потврда од матичен лекар дека се здрави. Зошто им е потребна потврда ако тврдат дека само едно дете е заболено, а скоро цела група е отсутна- прашува мајка на едно од децата.

Вчера и од општина „Карпош“ на чија територија се наоѓа градинката потврдија дека во градинката има вирус. Санитарната инспекција беше на терен и ја утврдуваше фактичката состојба. И од таму велат дека заболено е само едно дете.

– Пријавенно е само едено дете, не станува збор за група- велат во општината.

Родителите на децата денес добиле известување дека е направена комплетна дезинфекција на занималните и дека децата можат да се врата во градинка само со потврда од матичен лекар.

Експертите велат дека коксаки вирусите се едни од најмалите ДНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Постојат два вида на овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со тешки и долготрајни последици.

Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и воспаление на мозокот и воспаление на срцевиот мускул.

Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат преку уста, односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот