Кој се плаши од претседателски избори
Треба да се има предвид дека инсистирањето за одржување заеднички, претседателски и парламентарни избори доаѓа од партиите што немаат соодветен претседателски кандидат.
Зошто во јавниот дискурс се наметна мислење дека редовните претседателски избори не треба да се одржат засебно, во редовниот термин, независно од парламентарните што треба да следуваат два месеци подоцна? Всушност, заеднички избори имало само двапати за 32 години независна Македонија – eднаш во 1994 и вторпат во 2014 година.
Препорачано
Изборот за претседател на државата отсекогаш бил посебен процес. Затоа што граѓаните имаат право со сето внимание да се посветат на изборот на кандидатот за претседател, достоинствена функција што заслужува целосен респект, онака како што е и според Уставот. Претседателот ја претставува Републиката, тој е нејзиното лице пред светот. Тој, меѓу другото, треба да претставува и своевиден баланс на извршната власт која доколку е апсолутна може да забега во недемократски води.
Оттаму и законодавецот предвидел претседателот да се избира на општи и непосредни избори, за да има свој посебен легитимитет добиен од граѓаните. И не случајно се избира на пет години, една година повеќе од мандатот на Владата, за да може да биде во опозиција или да мора да кохабитира доколку дојде до промена на власта.
Граѓаните досега го препознавале значењето на функцијата претседател и историјата покажува дека гласовите што ги давале на претседателските избори речиси секогаш биле драстично повисоки од оние на партиите, па дури и од партијата што на парламентарните избори тие самите ја подржувале.
Во 1994, на пример, претседателот Киро Глигоров доби 715.000 гласа што е за два и пол пати повеќе тие што истата година ги доби СДСМ. Борис Трајковски во 1999 добил 582.000 гласа или колку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно, една година пред тоа. Бранко Црвенковски освои 550.000 гласа што е повеќе од најголемото достигнување на СДСМ (или на која било партија) која на парламентарни избори во 2002 доби 497.000 гласа.
Во 2009 година Ѓорѓе Иванов беше речиси изедначен со гласовите што ги доби Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ во врвот на славата кога освои дури 63 пратенички мандати. А во 2014 кога се одржуваат заедно претседателските и парламентарните доби 534. 000 гласа и ја надмина и ВМРО-ДПМНЕ.
Слично е и со Стево Пендаровски кој на изборите во 2019 доби доверба еднаква колку и СДСМ на парламентарните во 2016 – 436.000 гласа. Со таа бројка остана ненадминат и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ поединечно на парламентарните 2020 избори кога првата имаше 325.000, а втората 315.000 гласа.
Ова значи дека претседателските избори имаат посебно значење меѓу граѓанството и не може да бидат некаков приврзок на парламентарните каде што се гласа за листи на главно непознати партиски членови по избор на партискиот лидер. Треба да се има предвид дека инсистирањето за одржување заеднички, претседателски и парламентарни избори доаѓа од партиите кои немаат соодветен претседателски кандидат. На тој начин сакаат да го мобилизираат своето гласачко тело за освојување на извршната власт, додека претседателската функција ја маргинализираат и таа треба да им послужи само како „спотер“.
Не смее да се заборави дека поголемиот дел македонски претседатели оставиле свој печат во историјата на земјата без разлика што во жарот на политичките битки биле најчесто негирани и оспорувани било од партијата што ги подржала било од спротивната опција. Сите тие и сите идни претседателски кандидати заслужуваат посебен изборен пристап во кој граѓаните ќе се изјаснуваат само за нив, а не во измешан пакет за кој нема да се знае кој за кого на која листа ќе гласа.
Приказните за зголемени изборни трошоци, доколку се одржуваат засебно претседателските и парламентарните, се само покритие за стравот дека ќе ги загубат претседателските избори и дека така ќе им падне и рејтингот на кој толку многу сметат и на кој сакаат да се „возат“ и за претседателскиот кандидат.
Трошоците ќе бидат толкави колку што се спремни самите партии да заштедат затоа што токму тие и нивните кампањи се всушност најскапите субјекти во изборниот процес и најголемите потрошувачи на нашите народни пари.
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


