Кој немаше кеш при рака остана без ручек, лекови, гориво…

Проблемите со картичките во четвртокот направија направија хаос во прометот. Откако стана јасно дека проблемот ќе потрае, дел од маркетите на своите врати ставија известување со кое ги предупредуваат граѓаните да не влегуваат и да пазарат, бидејќи не им работат пост терминалите, односно дека може да се купува само во кеш

Купишта сторнирани сметки во маркетите, оставена стока поради недоволно кеш во паричникот, „заробени“ автомобили оставени на паркинг или во катна гаража, неможност да се наточи гориво, оставена месечна терапија по аптеките, откажани он лајн нарачки за храна… Во дел од рестораните граѓаните кои немаа доволно кеш со себе, не можеа да си го платат направениот цех, па оставаа лични карти. Ова е само дел од проблемите со кои во четвртокот се соочија граѓаните, откако во најголем дел од денот плаќањето со ВИСА и Maстер картичките беше недостапно.

Откако стана јасно дека проблемот ќе потрае, дел од маркетите на своите врати ставија известување со кое ги предупредуваат граѓаните да не влегуваат и да пазарат, бидејќи не им работат пост терминалите, односно дека може да се купува само во кеш. Според објавите на возачите на социјалните мрежи, операторите на наплатните рампи ги пуштале бесплатно оние кои сакале да платат со картичка, а немале готови пари, за да не се создаваат поголеми редици. Што е уште полошо проблеми имаше и со банкоматите, па дел од банките овозможуваат подигање готови пари на шалтерите без да наплаќаат провизија.

Мало олеснување предизвика продолженото работно време до 17 часот на дел од банкарските експозитури. Граѓаните се револтирани од криењето на дефектот и вината ја префрлија врз банките. Дури по 16 часот во четвртокот, Македонската банкарска асоцијација објави дека привремениот проблем е надминат и плаќањето со картичките, но и повлекување на пари од банкомати е повторно активно, без да бидат објавени никакви детали за причините кои го предизвикаа застојот.

-Без малку е неодговорно да нема никакво известување и да се остави веста да се шири според принципот на „расипан телефон“. Како знаат да титкаат кога ќе задоцниме со плаќањењето на кредитите за еден ден, а сега не знаеја да ни пуштат порака и да предупредат дека има провлеми – вели една револтирана граѓанка.

Дел од маалските дуќани вчера функционираа според принципот на пишанка, бидејќи грото од муштериите им се редовни. Но, имало и случаи кога се работело за набавка на повеќе производи, односно за повисоки сметки.

-Среќа па си ги знаеме муштериите, видете ја листата. Ги запишувавме, некои трчаа до банкомат да земат пари, други ги оставаа производите. Некои нудеа лични карти, но за среќа, од попладнето до вечерта во четвртокот дисциплинирано си ги подмирија сметките – велат во еден дуќан во Аеродром. Но, оние граѓани кои се затекнаа со повеќе големи суми за плаќање мораа да ги остават на касите, па продавачите правеа сторни сметки.

Голема мака ги снајде и оние во четвртокот наутро тргнаа на одмор и не можеа да си наточат гориво на бензиските пумпи.

-Од Скопје до Демир Капија, нема наплата со картичка. Ни патарина, ни гориво. Да не ви се стопија инструментите? Или ветерот ги оддува! Каков блам и срам! Во сред сезона – стои во објавата на еден Скопјанец, кој дури по неколку обиди од свои пријатели дознал дека има проблем со пост терминалите.

Според статистичките податоци на Народна банка, плаќањата од страна на граѓаните во трговијата во земјата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од 2022 година, забележале годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 22,9 и 17,8 отсто, соодветно.

-Притоа, бројот на извршени трансакции забележа годишен раст од 18,3 отсто на физичките места на продажба, односно од 12,6 отсто, на виртуелните (интернет) продажни места, во споредба со вториот квартал од 2021 година. Овие податоци укажуваат дека граѓаните и натаму сè повеќе ги користат дигиталните канали за вршење на плаќањата – покажа анализата на НБРСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот