Пакистанска армија проектил EPA-EFE/SOHAIL SHAHZAD

Кој има предност во воената равенка Авганистан–Пакистан?

Кревкото примирје меѓу Пакистан и Авганистан од минатата година беше прекршено вчера откако вооружените сили на Пакистан започнаа операција како одговор на, како што наведоа, „неиспровоцирани“ напади на Талибанците.

Пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Асиф, изјави дека се води „отворена војна“ и дека Исламабад „нема трпение“.

Нашата чаша со трпение се прелеа. Сега има отворена војна меѓу нас и вас Авганистан, рече тој.

Инаку, Пакистан минатата недела изврши серија ноќни воздушни напади врз Авганистан, во кои, според Талибанците, загинаа најмалку 18 лица, вклучувајќи жени и деца.

Неколку часа пред нападите, портпаролот на талибанската влада, Забиула Муџахид, изјави дека Авганистан спроведува „големи офанзивни операции“ против пакистанската војска по должината на „линијата Дуранд“ што ги разделува двете земји.

Исламабад соопшти дека нападите биле насочени кон седум милитантни кампови и скривалишта во близина на пакистанско-авганистанската граница и дека биле извршени по неодамнешните самоубиствени напади во Пакистан. Кабул во исто време соопшти дека биле погодени цивилни куќи и религиозно училиште.

Меѓусебни обвинувања за тоа кој прв почнал

Авганистанските талибанци соопштија дека започнале „голема“ операција како одговор и дека синоќа убиле „бројни“ пакистански војници во офанзивата, тврдење што го негираше портпаролот на пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој исто така го оспори тврдењето на портпаролот на талибанците дека се заземени 15 воени позиции.

Како што објави Ал Џезира, ситуацијата е сè уште многу напната. Според медиумот, Пакистан напаѓа цели од воздух, а извештаите од терен од двете страни наведуваат дека двете земји си нанеле големи штети како во материјална смисла, така и бројчано во жртви една кон друга страна. Ситуацијата е алармантна бидејќи Пакистан вели дека ќе продолжи со она што го нарекува „одмазднички одговор“.

Она што досега портпаролот на пакистанската армија го објави е дека во нападите се убиени 228 талибански борци, а 314 се повредени. Тој додаде дека се уништени 74 талибански позиции, а 18 лица се заробени. Во меѓувреме, во Пакистан има повредено 27 лица.

Претходно, талибанската влада објави дека осум нејзини борци се убиени, а 11 се ранети.

Кабул нема капацитет за конвенционално војување

Со зголемувањето на тензиите, се поставуваат прашања за тоа како Авганистан е всушност способен да води војна со Пакистан, бидејќи постои огромна разлика во воената сила. Како што изјавија аналитичарите за Би-би-си, малку е веројатно дека Талибанците ќе можат да водат конвенционална војна.

Пакистанските нуклеарни вооружени сили редовно се рангираат меѓу 15-те најмоќни војски во светот. Авганистанските Талибанци, од друга страна, немаат споредливи воени ресурси и се соочуваат со економски проблеми.

Талибанци/ фото: Радио Пакистан/Твитер

Оружјето со кое располага талибанската армија доаѓа главно од три извори: од арсеналот на поранешната авганистанска армија, од странски сили кои се повлекле и од ново оружје стекнато од различни извори, вклучително и од црниот пазар.

Експертите велат дека снимките од минатите гранични судири сугерираат дека талибанските сили најчесто користеле мало оружје против пакистанските сили.

Сепак, аналитичарите истакнуваат дека Талибанците имаат богато искуство во герилското војување. Авганистански експерт за безбедност изјави за „Би-би-си“ дека многу од судирите на Талибанците со пакистанските сили вклучувале герилски тактики како што се изненадувачки напади и бомби покрај патот.

Споредба на воените капацитети на Пакистан и Авганистан

1. Човечки потенцијал (активен воен состав)

  • Пакистан: 660.000 активни војници.

  • Авганистан: 172.000 припадници на безбедносните сили.

2. Тенкови, оклопни возила и артилерија

  • Пакистан:

    • Над 6.000 оклопни борбени возила.

    • Повеќе од 4.600 артилериски единици.

  • Авганистан:

    • Ограничен број оклопни возила и артилериски системи.

    • Поголемиот дел од техниката потекнува од советската ера.

    • Точниот број и оперативната состојба не се целосно познати.

3. Воздухопловни сили

  • Пакистан:

    • 465 борбени авиони.

    • Повеќе од 260 хеликоптери.

  • Авганистан:

    • Нема борбени авиони.

    • Мал број постари авиони и хеликоптери со неизвесен оперативен статус.

Талибанци / Фото: EPA/STRINGER

Корените на конфликтот

И покрај културните и економските врски, односите меѓу двете земји со години се нестабилни. По соборувањето на талибанскиот режим во 2001 година, Пакистан стана клучен актер во регионалната безбедносна архитектура и важен партнер на Западот. Талибанските борци, меѓутоа, долго време имаа засолништа долж границата, што ја усложни безбедносната ситуација.

По враќањето на талибанците на власт во 2021 година, Пакистан се соочи со раст на исламстичкото насилство на својата територија. Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на пакистанските талибанци, обвинение што авганистанската страна го негира. Според податоци на пакистанската армија, во 2025 година во милитантни напади загинале повеќе од 1.200 лица – двојно повеќе од 2021 година.

Дали конфликтот ќе ескалира?

Претходните ескалации се смируваа по неколку дена, често со посредство на Турција, Катар или Саудиска Арабија. Аналитичарите предупредуваат дека нова спирала на насилство може сериозно да го дестабилизира регионот.

Експертите повикуваат на итно продолжување на дипломатските преговори, бидејќи продолжувањето на судирите долж линијата „Дуранд“ може да има пошироки безбедносни последици за Јужна Азија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот