Кој е Мино Рајола, најмоќниот фудбалски агент

Мино Рајола се грижеше за кариерите на дел од најдобрите фудбалери на светот/ фото: EPA-EFE/Alessandro Di Marco

Во светот на спортот, а посебно во фудбалот често се слуша зборот агент, додека влијателните агенти како Пини Захави и Жорге Мендеш влегуваат во групата на „супер агенти“. Дел од оваа мала група е и Мино Рајола, „буцкото“ од Сардинија.

Мино Рајола е роден 1967 година во Ночера, во областа Капања која се наоѓа на југот на Италија.

На само една година се преселува во Харлем, Холандија, каде неговите родители отвораат ресторан кој го нарекуваат „Наполи“.

Се до завршувањето на правниот факултет, Рајола помага во ресторанот работејќи како келнер, а притоа во 1990-тите години се запознава со претседателот на локалниот клуб Харлем. Неколку месеци подоцна ја добива функцијата на спортски директор и тоа поради интересен настан.

Постојано му зборував дека не ја разбира фудбалската игра, а тој ми одговори: Ок, штом си толку паметен, покажи ми што не разбирам во фудбалот. Следниот ден добив функција во Харлем – открива Рајола.

Сепак, таму се задржува само неколку месеци бидејќи впловува во нова авантура, влегува во менаџерските води. Во 1992 година, холандската ѕвезда Брајан Рој од Ајакс прави трансфер во Фоџа.

Трансферот го реализира менаџерската агенција „Sports Prototions“ во која Рајола е вработен, но бидејќи го познава италијанскиот јазик, активно е вклучен во трансферот.

Од голема помош за брзиот напредок во менаџерските води му е и податокот дека течно зборува дури седум јазици, итлаијански, холандски, англиски, германски, шпански, француски и португалски.

Откако успешно ја заврши работата со трансферот на Рој, следеа трансферите на неколку Холанѓани во италијанските екипи, Винк (Џенова), Јонк и Бергкамп (Интер) и Крек (Падова).

По завршувањето на трансферот на Рој, се запознава со тренерот на Фоџа, Здењек Земан, со кого подоцна имаше плодна соработка.

Кога Земан седна на клупата на Лацио, Рајола сега веќе сопственик на своја менаџерска агенција „Maguire Tax & Legal“ го договори трансферот на Павел Недвед од Спарта Прага во Лацио, а потоа и трансферот на Чехот во Јувентус за кој вели дека може да напише цела книга.

Бидејќи Холандија беше полна со таленти, Рајола се одлучува на сосема логичен потег, да создаде конекции со најдобрите екипи, а посебно со Ајакс кој ја има најдобрата фудбалска академија во светот.

Одличната соработка на Рајола со Ајакс траеше се до 2006 година, кога во јавноста излегоа телефонските разговори помеѓу „буцкото“ од Сардинија и тогашниот директор на Јувентус, Лучано Моџи, а се однесуваа на трансферот на Златан Ибрахимовиќ во „старата дама“.

Нека продолжи да им прави проблеми таму и без проблем ќе се договориме за трансфер“, му рекол Моџи на Рајола.
По овој скандал, Ајакс ги раскинува сите односи со Рајола.

Вистинскиот пробив кон елитата кај агентите е 2004 година кога се запознава токму со Златан Ибрахимовиќ.
Уште на првиот состанок со него сфатив дека дека е арогантно копиле, исто како и јас. Знаев дека тоа ќе биде добитна комбинација – ја објаснува Рајола првата средба со Ибрахимовиќ.

EPA/TONI GARRIGA

На крајот се испостави дека токму Ибрахимовиќ е „златната кокошка“ на Мино Рајола. Сите трансфери на Ибрахимовиќ во досегашната кариера чинеа повеќе од 160 милиони евра, а добар дел од таа сума заврши на сметката на Рајола кој се испрофилира во немилосрден преговарач кој и повеќе од добро ги наплаќа своите услуги.

Токму неговата тактика комбинирана со арогантноста му донесе проблеми, па Фудбалската федерација на Италија (ФИЦГ)и ФИФА во 2019 година го суспендираа на три месеци, додека претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, упорно одбива да соработува со Рајола.

Казната е мотивирана од политички причини. ФИЦГ не ми ја прости критиката поради нејзината улога за очајната состојба во италијанскиот фудбал како и за проблемите со расизмот – изјави тогаш Рајола.

twitter/Transfer News Live

Кога Рајола ќе почувствува дека неговиот клиент е потенцијална машина за правење пари, тој е подготвен да се бори за него до последната капка крв и да влезе во „војна“ со клубовите по што на крајот најчесто излегува како победник.

Најдобар пример за тоа е Џанлуиџи Донарума, голманот на Милан и на италијанската репрезентација.

Состојбата е насилна е непријателска. Одлучивме Џиџи да си оди и тоа нема врска со парите. Не можете да го задржите фудбалерот доколку му се заканувате со убиство – вршеше притисок Рајола врз управата на Милан.
Рајола за својот клиент бараше плата од седум милиони евра, но на крајот успеа да се договори за пет милиони плус бонуси од 1.5 милиони евра.

Рајола никогаш нема да го видите во одело или во брендирана маичка. Мино го облекува тоа што прво ќе му се најде при рака. Дома постојано носи тренерки и никогаш не оддава впечаток дека е најмоќниот менаџер во фудбалот – зборуваат блиските пријатели на Рајола.

За неговата моќ во светот на агентите доволно говорат фудбалерите кои ги застапува и единствен кој може да му конкурира е Португалецот Жорге Мендеш.

Најпознати клиенти на Рајола се:
Златан Ибрахимовиќ (Милан)
Ерлинг Халанд (Борусија Дортмунд)
Пол Погба (Манчестер јунајтед)
Ромелу Лукаку (Интер)
Марко Верати (ПСЖ)
Џанлуиџи Донарума (Милан)
Адреа Ромањоли (Милан)
Костас Манолас (Наполи)
Моизе Кин (Евертон)
Хенрик Мкитарјан (Рома)
Патрик Клајверт јуниор (Рома)
Блез Матуиди (Јувентус)
Марио Балотел (Бреша)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот