Кои болести ја пустошат Европа? Тивката пандемија убива околу 30.000 луѓе годишно

Profimedia
Фото: Профимедиа

Екипата на „Н1“ од Загреб го посети Европскиот центар за превенција и контрола на болести во Шведска (ЕЦДЦ). Станува збор за агенција на Европската унија задолжена за зајакнување на одбраната на Европа од заразни болести. Научниците во Солна, кај Стокхолм, во седиштето на ЕЦДЦ, ги анализираа болестите кои во моментот ѝ се закануваат на Европа, но и предупредија на „тивката пандемија“ за која многумина не се свесни.

Заменик на шефот на научници на ЕЦДЦ, Пјотр Крамарц, ги истакна најактуелните болести во Европа.

„Сè уште сме во сезоната на грипот“.

Кога е во прашање ковид-19, Европа е сè уште на ниво 1, додека нивото 2 би било највисоко. Научниците истакнуваат дека вирусот ковид-19 е сè уште активен во иста мера како и пред една година, а одзивот на вакцинацијата се намалува во цела ЕУ. Вакцинацијата против ковид особено опаѓа од запад кон исток на Европа.

„Последнава година дојде до замор, луѓето повеќе не сакаат да се вакцинираат“, вели Крамарц.

Научникот додава дека конечниот крај на пандемијата и понатаму зависи од вакцинацијата. Истовремено, сè помалку луѓе се тестираат, а вирусот продолжува да се шири.

„Доколку тестиравме доволно луѓе, ќе видивме дека вирусот е широко распространет како и пред една година, но некои станаа отпорни, или поради вакцината или поради болеста што ја победија. Борбата ќе продолжи бидејќи вирусот ќе продолжи да се развива во различни варијанти. Мора да следиме нови варијанти за ситуацијата повторно да не излезе од контрола“, заклучува тој.

Во медиумскиот центар на ЕЦДЦ велат дека најголемата кризна ситуација за агенцијата била токму пандемијата на ковид-19. Така, во текот на 2020 година добиле речиси 2.000 медиумски барања, додека во 2021 година тој број паднал на 984. Тимот за медиуми нагласува дека се стреми да се бори против лажните вести кои редовно се појавуваат во медиумите и на социјалните мрежи, како за ковидот, така и за другите болести.

Покрај грипот и ковидот, агенцијата напоменува дека туберкулозата сè уште е присутна во Европа.

Во врска со актуелниот птичји грип, Крамарц објаснува: „Бевме сведоци на невидено ширење на вирусот меѓу птиците. Внимателно ја следиме оваа ситуација“. Сепак, тој истакнува дека вирусот и понатаму не претставува закана за луѓето: „Вирусот сè уште не е развиен до тој степен што би ги погодил цицачите, вклучително и луѓето. Теоретски би можело да дојде до пандемија, но ја следиме ситуацијата. За среќа, вирусот досега не успева да се пренесе на луѓето“.

Меѓутоа, претставниците на ЕЦДЦ се согласуваат за најголемата закана за Европејците – онаа што е под радарот. Крамарц предупредува на прекумерна употреба на антибиотици, што може да има многу штетни последици. Научникот објаснува дека дури 30.000 луѓе ширум светот годишно умираат од инфекции кои се настануваат како резултат на отпорност на антибиотици.

„Тоа е како авион со средна големина да се урива секој ден“, истакнува Крамарц.

ЕЦДЦ предупредува на загрижувачка статистика: проблемот со инфекциите со бактерии отпорни на антибиотици е споредлив со грип, туберкулоза и ХИВ/сида заедно.

Од 671.689 инфекции со бактерии отпорни на антибиотици, 63 отсто биле инфекции поврзани со здравствената заштита.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот