Инаугурацијата на Сиљановска-Давкова на 12 мај

Гордана Силјановска Давкова/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Седницата за инаугурацијата на првата жена претседател на државата Гордана Сиљановска-Давкова Собранието ќе ја закаже на 12 мај в недела, денот кога завршува мандатот на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски, потврдуваат за „Слободен печат“ собраниски извори.

Во моментов претседателот на Собранието, Јован Митрески е на координација со шефовите на пратеничките групи за утврдување на деталите за седницата за инаугурација на Сиљановска-Давкова.

Таа пред пратениците од сè уште актуелниот состав треба да има обраќање и да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот петгодишен мандат.

Според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), во вториот круг од претседателските избори Силјановска-Давкова освои 308.632 гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски. Од обработени 99,09 отсто од избирачките места и 99.82 отсто обработени избирачи, за неа гласале 560.173 граѓани, а Пендаровски доби 251.541 глас.

Само ден пред инаугурацијата Сиљановска-Давкова ќе наполни 71 година. Таа е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Таа е универзитетска професорка, правник, и пратеничка во претходните четири години.

Во нејзината биографија е наведено дека основно и средно образование завршила во Скопје (1973). Дипломирала на Правниот факултет во Скопје (1978), каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со „Cum laude“ на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Local Selfgovernment – between Norms and Reality“ во 1994.
Била избрана за асистент по предметот политички систем на Правниот факултет во Скопје (1989), за доцент по уставно право и политички систем (1994), а потоа и за редовен професор во 2004. Била член на Уставната комисија на Собранието на РМ (1990-1992) и министер во Владата на РМ (1992-1994). Експерт за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот