Кога врне, вода се собира во кофи, загрозени ретки и вредни книги

Запуштеност На социјалните мрежи деновиве осамнаа шокирачки фотографии од читалниците на оваа национална библиотека, празни и со комплетно уништен и запуштен ентериер. Директорот вели дека сликите се тенденциозно направени, но дека состојбата навистина е сериозна.

Состојбата со библиотеката е крајно лоша, но ретките и вредни книги, кои се во подрумските простории и на приземје, засега се заштитени. Водата не стасала до нив, а и кога врне, капе, па собираме во кофи, вели Фремзим Даути, директор на НУБ „Свети Климент Охридски“ во разговор за Слободен печат во врска со катастрофалната состојба во која се наоѓа НУБ „Свети Климент Охридски“.

На социјалните мрежи деновиве осамнаа шокирачки фотографии од читалниците на оваа национална библиотека, празни и со комплетно уништен и запуштен ентериер. Директорот вели дека сликите се тенденциозно направени, но дека состојбата навистина е сериозна. Читалниците не се користат, а објектот, некогаш полн со студенти и граѓани што го користат богатиот фонд книги и ретки печатени изданија, сега е запустен и мириса на мувла.

– Проблемот е дека читалните не се реновирани 30 години, имаме испратено барање до Министерство за култура да се реновира, но проблемот е посложен: дали да се реновираат читалниците или покривот што пропушта вода и така ги загрозува и читалните и други простории. Во нашите годишни планови редовно го наведуваме проблемот со покривот кој треба да се реновира, но нема слух да се помогне, министерката воопшто нема никаков интерес покажано за проблемите со кои се бориме – појаснува Даути.

Тој вели дека имал големи надежи кога на чело на Министерството за култура дошла Ирена Стефоска, која претходно била претседател на собраниската комисија за култура и многу добро ги познавала проблемите со кои се соочува НУБ „Свети Климент Охридски“.

Тој појаснува дека со 25 илјади евра за само месец-два би ги реновирале комплетно читалниците, на покривот е многу поскап. Според направениот проект, неговата поправка би чинела околу 600 илјади евра. Пред околу пет години била ангажирана фирма за реконструкција на покривот, но бил раскинат договорот пред да се заврши зафатот и сега има правен спор околу тоа.

– Но, спорот може да се реши, потребна е само политичка волја од Министерството за култура за тоа – вели Даути.

Министерството за култура, од кое побаравме објаснување за состојбите во националната библиотека, го обвини директорот Даути за негрижа. Објектот со години е запоставуван и доведен во исклучително лоша состојба, а хигиената е одраз на „домаќинското“ однесување на менаџментот, ни посочија оттаму. Од Министерството информираат дека минатиот месец министерката за култура Ирена Стефоска испратила комисија во ненајавена работна посета на НУБ „Св.Климент Охридски“ при што биле констатирани многубројни слабости.

Во дописот од Министерството, исто така, стои и дека Комисијата за Инвестициско одржување при Министерството за култура, во февруари годинава, не ги прифатила барањата на НУБ „Свети Климент Охридски“ за набавка на лифт, за сервисирање на системите за ладење и греење и за санација на покривот на стариот објект заради погрешна и непотполна документација. Вистинската адреса за овие барања е „Програмата за инвестиции во културата“ каде што, доколку конкурирале, би им биле одобрени бараните средства за санација на покривот за која проектот е веќе направен. И во овој случај се работи за недоволна ангажираност на раководните лица, додаваат од култура.

Од библиотеката, пак, категорично ја отфрлаат вината за актуелната состојба.

– Во нашите годишни планови редовно го наведуваме проблемот со покривот кој треба да се реновира, но нема слух да се помогне, министерката воопшто нема никаков интерес покажано за проблемите со кои се бориме, коментира директорот на библиотеката.

НУБ „Св.Климент Охридски“ е најголемата национална библиотека во државата и на сајтот на оваа установа може да се најде податокот дека во нејзиниот фундус се вредни археографски збирки на стари книги и документи, ориентални ракописи, ретка периодика и други значајни пишани документи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот