Кога судската ќе ја сретне политичката ревизија…

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Погледајте ја оваа „цитадела“ на македонската геополитика што се изгради за само неколку години: после падот на претходната власт и по договорите со Грција и Бугарија, следуваше прием на земјата во НАТО и забрзување на европските интегративни процеси; пред некој ден се официјализираше македонската позиција (во разговори и со помошникот државен секретар за енергетика на САД, Францис Р. Фанон) за прилучување кон гасоводот во Грција што доаѓа од Азербејџан до Александрополис, со можност Македонија да стане регионален енергетски центар од кој би оделе коридори кон Албанија, Косово и уште по на север; а вчера читам дека високиот американски функционер одговорен за европските и евроазиските политики во Стејт Департментот, нам добро познатиот Фил Рикер, во саботата во Турција имал официјална средба со духовниот водач на 300-те милиони православни христијани, Екуменскиот Патријарх Вартоломеј Константинополски. На средбата, според официјалното соопштение, е водена „долга дискусија за различни прашања од заеднички интерес“… Мене едно „пиле“ ми вели дека Македонија била една од прашањата од „заеднички интерес“ во „долгиот“ разговор.

Ова се важните теми што ја одредуваат судбината на земјата во наредните, претпоставувам, барем педесетина години (доколку светот не реши да се „самораспушти“ нешто порано). Во тек е бетонирање на евро-атлантската иднина на Република Северна Македонија како стабилен балкански партнер на Западот, особено и заради статусот на најсеверна земја-членка на Јужното крило на НАТО. Со други зборови, Македонија е повеќе Медитеран од Балкан, со нови стратегиски комплексности кои не се помали од „старите“.

Овие, за историски прилики, молскавични резултати се постигнати со големи напори за три години, откако се истрошија речиси три претходни децении, со акцент на последните десетина години, исполнети со сопки, пречки и „кочења“ од разни страни. И денеска значајни политички сили и дома и од соседството ја „тегнат“ Македонија назад, во 20-тиот век, ако може што поблиску кон 19-тиот. Ако им се укаже реална прилика, тие не кријат дека би направиле и формална и неформална, темелна ревизија на постигнатото.

Така, накусо, изгледа сликата со Македонија ако се гледа приказната од аспект на јавањето на „големите бранови“.

Во „плиткото“, пак, со боси нозе и голи газиња, си се шлапкаме во заматената вода на нашето провинциско есенско секојдневие, во кое локалните чувари на плажата во зимскиот период секојдневно смислуваат напори како насуканите ајкули исфрлени од големото море да ги вратат во попристојна длабочина. Тие дишат на шкрги, а овие ги полеваат со разно-разни кофички вода, за да ги одржат во живот. Најновото „полевање“ е со приказната дека Европскиот суд за човекови права ќе ја уважел аболицијата на Хорхе од април 2016 година, за Македонија повторно, ако може, да се дави во крајбрежната столетна мил.

Добро, еве, во име на надежта, да претпоставиме дека во догледна иднина, со интервенција на Европскиот суд – не дека се невини (!), туку дека се аболирани од гонење за кривичните дела (!?) – сите пресуди од процесите на СЈО ќе се укинат и судењата ќе сопрат, а обвинетите, осудените, притворените и затворените ќе побараат и ќе добијат милионски отштети. Груевски триумфално ќе се врати во Македонија, најверојатно и на чело на партијата. Честитки, прослави, зурли и тапани, со многу развеани знамиња со сонцето од Вергина… Итн.

Што мислите, како ќе реагираат „големите бранови“ на ова крајбрежно шлапкање? На можноста сето постигнато, повторно, со целиот познат овдешен националистички фолклор, да се доведе во прашање? Прогноза?

Јас би причекал со кафеанските резервации. Не за друго, да не пропадне капарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот