Коалиција со внатрешно согорување

Автомобилите се моторот на германската економија - Фотографија ЕПА, Фоке Штрангман

Лидерите на ФДП тврдат дека фазното напуштање на бензинските и дизел-моторите, во формата во која е договорено, може да ја уништи германската автомобилска индустрија, која е еден од двигателите на германската економија

Германската коалиција „семафор“ напукна поради спорот помеѓу зелените и либералите во врска со планот за забрана на производство на автомобили со дизел и бензински мотори.
Зелените ги обвинија „жолтите“ партнери дека го блокираат фазното напуштање на моторите со внатрешно производство, со што „си поигруваат со репутацијата на Германија“. Берлин беше меѓу иницијаторите на иницијативата, која е усогласена на ниво на Европската Унија, со цел да се исполнат обврските за нулта емисија на штетни гасови до средината на овој век.

– Не можете да имате коалиција на напредок кога само една партија е задолжена за напредокот, а другите се обидуваат да го запрат – предупреди вицеканцеларот и министер за економски работи и климатски акции Роберт Хабек на средба на парламентарната група на Зелените.

Либералната партија Слободни демократи (ФДП), која традиционално ги застапува потребите на бизнисот, во последен момент се спротивстави на плановите на ЕУ за целосна забрана на продажба на автомобили со мотор со внатрешни согорување најдоцна до 2035 година. Хабек оцени дека со блокадата ФДП ја минирала позицијата на Германија во Унијата.

– Така губиме дебати и добиваме мала поддршка за нашите проекти – изјави Хабек.

Ненадејниот пресврт во ставот на либералите предизвика гнев и надвор од границите на Германија. Европските партнери стравуваат дека ако економски најмоќната земја отстапува од своите обврски, тоа може да ги охрабри и другите членки да блокираат иницијативи.

Лидерите на ФДП тврдат дека фазното напуштање на бензинските и дизел-моторите, во формата во која е договорено, може да ја уништи германската автомобилска индустрија, која е еден од двигателите на германската економија.

– Ние во Германија ја владееме технологијата на мотори со внатрешно согорување подобро од кој било друг во светот. Затоа би било разумно да ја задржиме оваа технологија во нашите раце сѐ додека не бидат изнајдени одговори на некои отворени прашања за мобилноста без загадување на околината – изјави Фолкер Висинг, министер за транспорт од редовите на либералите.

Европската комисија, како можен компромис, понуди креирање критериуми за нова категорија возила со горива што не испуштаат јаглероден диоксид и кои би можеле да се произведуваат и по 2035 година. Министерството за транспорт на Германија не одговорило на иницијативата од Брисел.

Зелената партија, пак, до неодамна се држеше настрана од дебатата за моторите со внатрешно согорување, а сега реагираше жестоко и гласно. Изјавата на Хабек ја разбранува политичката сцена во Берлин.

Министерот за економија Хабек во исто време ги обвини и ФДП и другиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија на канцеларот Олаф Шолц, дека намерно ја прошириле во јавноста раната верзија на законот за забрана на користење нови грејни тела на фосилни горива по 2025 година. При консултациите за владејачка коалиција во декември 2021 година, социјалдемократите, либералите и зелените се договорија по 2024 година во Германија да биде забрането инсталирање грејни тела што користат фосилни горива и да се дозволи користење грејачи што барем 65 отсто од енергијата ја добиваат од обновливи извори. Ненадејната руска воена инвазија врз Украина, која целосно ја промени мрежата и трговијата со енергија во Германија, придонесе рокот да биде поместен за почетокот на 2024 година. Министерството за економија на чело со Хабек притискаше договорот да биде поткрепен со соодветен закон, иако тоа значително би ги зголемило трошоците на домаќинствата за греење.

Хабек тврди дека коалициските партнери споделиле со јавноста делови од нацрт-законот „со цел да се изгуби довербата во владината коалиција“.

Освен за чиста околина и за здрава индустрија, зелените и либералите се борат и за кревање на сопствениот рејтинг во Германија. Рејтингот на Зелените сега е под 15-те отсто што партијата ги освои на федералните избори во декември 2021 година, а рејтингот на либералите потона до 5 отсто, колку што изнесува прагот за освојување пратенички места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот