Книгоиздателството „Ми-Ан“ објави речници на антоними и пароними во македонскиот јазик

Книгоиздателството „Ми-Ан“ го искористи летниот период за промоција на два речника. Станува збор за „Речник на паронимите во македонскиот јазик“ и за „Речник на антонимите во македонскиот јазик“ приредени од Емил Ниами.

Речникот на паронимите е прв од ваков вид во македонската лексикографија. Паронимите се слични зборови во пишувањето и во изговорот, но со различно значење. Токму затоа, во македонската јазична практика многу често се јавуваат грешки во нивната употреба. Во Речникот се обработени пароними што се зборови со општа употреба, како и термини од повеќе научни области: алгебра, анатомија, архитектура, банкарство, биологија, географија, граматика, економија, лингвистика, логика, медицина, музика, политика и др.

Речникот на антонимите во македонскиот јазик, исто така, е прв од ваков вид во македонската лексикографија. Антонимите, кои претставуваат зборови со противположно значење, често се користат во секојдневниот говор. Притоа говорителот е должен да ја разбере самата суштина на опозицијата и да може соодветно да ги избере зборовите, со цел јасно да го формулира исказот. Познавањето на антонимите му овозможува на секој човек што се грижи за своето јазично изразување, прецизно да го формулира својот исказ.

Приредувачот на речниците Емил Ниами е роден во 1977 година во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групите за Руски јазик и книжевност и Американски студии. По завршувањето на студиите, работел во А1 телевизија и во дневниот весник „Време“ на различни позиции. Во 2007 година ја одбранил магистерската дисертација „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“. Истата година заминува како лектор по македонски јазик на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. Во 2010 година ја брани докторската теза „Антонимите во рускиот во споредба со македонскиот јазик“.

Од 2015 година Ниами работи во Рускиот центар при УКИМ. Се јавува како преведувач на голем број дела од уметничката литература, но и на публицистика. Автор е на голем број научни и научно-популарни трудови објавени во земјава и во странство. Негово поле на интерес се лексикологијата, лексикографијата, традуктологијата и социолингвистиката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 93, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот