Книгата „Телесност и отелотворување“ ги обработува можните форми на проучување и разбирање на луѓето во минатото

Покана за промоцијата на книгата „Телесност и отелотворување“

Промоцијата на книгата „Телесност и отелотворување: иконографии на човечкото тело“ на Гоце Наумов ќе се одржи во кино салата на Музеј на РС Македонија на 10 јануари (среда), во 20 часот. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Никос Чаусидис, а во рамки на настанот ќе настапи и џез-составот „Некст ту сајленс“ (Next to Silence).

Книгата „Телесност и отелотворување“ ги обработува можните форми на проучување и разбирање на претставеното човечко тело во минатото. Иако, главно, се заснова на неолитските фигурини и антропоморфните хибриди, ова дело оди чекор подалеку од археологијата и посегнува по други хуманистички дисциплини, како што се антропологијата, социологијата и филозофијата. Тоа значително го проширува толковниот опсег со чија помош темелно се разгледува иконографијата на телото и социјално-симболичкиот контекст во кого тоа е вклучено.

– Ваквото ангажирање на теориската мултидисциплинарност се покажува како поиздржан научен пристап отколку елементарното дескриптивно интерпретирање на артефактите и потврдува колку длабоко може да се навлезе во повеќезначноста на предметите и сликите коишто прикажуваат човечко тело. Дотолку повеќе што ова вмрежување на толковните хуманистички пристапи и симболичкиот капацитет на артефактите дополнително покажува како може темелно да се разбере и светот во кој се создадени овие антропоморфни претстави.

Во таа смисла, ова дело во голема мера ѝ помага на археологијата при проучувањето на луѓето во минатото, но во исто време може да се ползува и во рамките на историјата на уметноста, етнологијата, социологијата, театрологијата или синеастиката, односно во сите студии што се концентрирани на иконографиите и перформативноста на човечкото тело – посочува авторот на книгата.

Авторот Гоце Наумов е доктор по предисториска археологија и континуирано ги проучува населбите, занаетите, ликовните претстави и обредите на првите земјоделски и металуршки заедници во Македонија, Балканот и на Блискиот Исток. Истражувал на повеќе предисториски локалитети во Македонија, Србија, Албанија, Словенија, Турција, Русија и САД, а во фокусот на неговата специјализација се Пелагонискиот и Охридско-Преспанскиот Регион.

Како резултат на своите истражувања, има публикувано пет монографии и над 80 реферати за издавачки куќи во Оксфорд, Лондон, Кембриџ, Њујорк, Лос Анџелес, Рим, Хајделберг, Минхен, Виена, Москва, Берн, Киев, Аделаид и други. Во рамките на афирмирањето на предисториското културно наследство, тој држел предавања и презентации на универзитети во Кембриџ, Париз (Сорбона), Даблин, Осло, Барселона, Берлин, Рим, Хелсинки, Њујорк, Цирих, Санкт Петерсбург и Прага, а има организирано изложби во Чикаго, Њујорк, Отава-Гатино, Удине, Нови Сад и во Скопје.

За своето истражување, добитник е на награди од Европската асоцијација на археолозите, Предисториското здружение од Лондон и ИКОМ, а од неодамна е истражувач на Ајнштајновиот центар во Берлин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот