Книгата „Пандемија и постхуманизам“ од Иван Џепароски ќе има промоција во КИЦ

Културно-информативниот центар – Скопје ја најави промоцијата на книгата „Пандемија и постхуманизам“ (есеи) од Иван Џепароски, што ќе се одржи на 28 септември, со почеток во 19.19 часот, во Салон „Империјал 2“. Издавач на книгата е Книгоиздателство „Ми-Ан“.

Книгата „Пандемија и постхуманизам“ (есеи) на реномираниот македонски филозоф, естетичар и теоретичар на културата проф. д-р Иван Џепароски, претставува едно од првите вакви дела кај нас во кое се анализираат прашањата поврзани со промените што се случуваат во нашата современост, и на глобален и на локален план. Пристапот кон овие актуелни прашања е од гледна точка на релациите помеѓу пандемијата на ковид-19, од една страна, и на постхуманизмот и трансхуманизмот, од друга страна.

Книгата ќе ја промовираат Наташа Аврамовска и Мишел Павловски, а промоцијата ќе биде музички збогатена со настап на Билјана Петровска – пијано.

Иван (Ивица) Џепароски (9 мај 1958, Скопје) е филозоф, естетичар, критичар, антологичар и поет. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што и магистрирал и докторирал. Автор е на над триесет книги: на петнаесет книги од областа на естетиката и на културната теорија, на осум поетски книги, на три поетски антологии и на осум книжевно-теориски и есеистички избори.

За своето творештво ги има добиено наградите: „Млад Борец“ (1984), „Димитар Митрев“ (1993), „Парадигма“ (2009), „Браќа Миладиновци“ (2016) и „Книжевен жезол“ (2021). Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ (1993) за поетски превод.

Работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по Естетика и Филозофија на културата. Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија (2004-2009; 2013-2021), раководител на постдипломските студии на овој институт (2009-2013) и секретар на македонскиот ПЕН-центар (1999-2001; 2008-2014).

Во моментов е раководител на постдипломските Интеркултурни студии (2021-2022) на Филозофскиот факултет во Скопје. Се занимава и со превод: Вилијам Блејк, Џејмс Џојс, Јосиф Бродски, Дејвид Хјум итн.

Неговата поезија и некои од неговите есеи се преведени на над дваесет странски јазици во светот, а избори од неговата поезија се објавени во одделни книги на англиски, бугарски, српски, албански и романски јазик. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, руски, шпански и на кинески јазик (2011-2016), додека книгата „Уметничкото дело“ (2018) – на албански јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот