Книгата „Два опита (Конески и Старделов)“ од Иван Џепароски ќе има промоција во Скопје

Насловна корица на книгата „Два опита (Конески и Старделов)“

Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја најави промоцијата на книгата „Два опита (Конески и Старделов)“ од проф. д-р Иван Џепароски, која ќе се одржи на 5 март (вторник) 2024 година во Салата за седници на Филолошкиот и Филозофскиот факултет при УКИМ, со почеток во 13 часот.

Воведна реч на промоцијата ќе имаат проф. д-р Ратко Дуев и проф. д-р Владимир Мартиновски, а промотори на книгата ќе бидат проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Вангел Ноневски, кои се и рецензенти на книгата.

„Монографијата ’Два опита (Конески и Старделов)‘ претставува оригинално конципирано, консеквентно изведено и длабински промислено дело, во кое е изложен врвен аналитичко-критички и херменевтички пристап кон аспектите што ги поврзуваат делата на двајцата великани на современата македонска интелектуална и книжевна култура – Блаже Конески и Георги Старделов. Повеќеслојноста на оваа монографија се изразува во фактот што таа не само што нуди драгоцени информации за нивниот живот, дело и творечки искуства, туку ги елаборира и суштинските аспекти од нивниот придонес на планот на книжевноста, книжевната критика, естетиката и филозофијата“, истакнува проф. Димишковска.

„Книгата претставува уникатен придонес кон нашата културна, филозофска и академска средина. Одбирајќи да ги претстави двајцата интелектуалци чии академски кариери биле заемно испрепелетени, авторот погаѓа во суштината на одбраната тема: овие двајца великани да се претстават не како засебни фигури (иако и таквиот пристап би бил легитимен), туку како дејци чиј ангажман бил меѓусебно испреплетен и надополнувачки“, забележува проф. Ноневски.

Промоцијата на книгата е во соорганизација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот