Книгата „50 испеани приказни“ на Александар Русјаков ја доби наградата „Антево перо“

Книгата е во издание на издавачката куќа „Три“

Специјалната едиција наградени автори, победници на Конкурсот за необјавена поетска книга на македонски јазик, што традиционално се распишува во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски, е збогатена со збирката „50 испеани приказни“, за која авторот Александар Русјаков стана годинешен добитник на престижната награда „Антево перо“.

Книгата е во издание на издавачката куќа „Три“, а наградата ја доделува Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“ Скопје.

Книгата ќе биде промовирана во рамките на централната свеченост на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, закажана за 27 септември (среда), во 19.30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, по што на авторот ќе му биде врачен и првиот отпечатен примерок.

Присутните посетители на настанот ќе имаат можност да проследат видео материјали со кус рецитал на академик Анте Поповски, но и снимки од негови песни во интерпретација на артистката Софија Гогова Врчаковска.

Модератор ќе биде м-р Александра Јуруковска, ќе биде прочитана Одлуката на Комисијата за наградите, а пред присутните ќе се обрати д-р Атина Цветаноска. Наградата „Антев златник“ ќе ја добијат поетесите Милена Сиљаноска и Александра Спасеска, а „Антев часовник“ ќе добие Светла Јакшиќ.

Манифестацијата се одржува во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски и е поддржана со Годишната програма за 2023 година на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

По доделување на наградите ќе се одржи и поетско читање, во кое освен наградените автори ќе земаат учество и неколку други учесници на годинешниот конкурс. Влезот е слободен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот