Кнесетот му ги отвора очите и ушите на „Големиот брат“

Строго се надгледуваат сите доселенички населби на Западниот Брег - Фотографија ЕПА, Нати Шохат

Не можете да имате демократија ако немате приватност, тоа е основниот услов. Ова е опасно екстремна мерка, која наметнува надгледувано општество, реагира адвокатот Гил Ган-Мор

Израелската полиција наскоро би можела да користи технологија за препознавање ликови снимени со јавни камери „со цел да спречува сериозен криминал“, наспроти реакцијата на опозицијата и на граѓанските здруженија дека тоа би било сериозен удар врз приватноста и врз демократијата воопшто.

Министерскиот комитет за закони пред неколку денови го одобри текстот на „Законот за Големиот брат“ и го предаде на усвојување до Кнесетот, каде што десничарската владина коалиција на чело со премиерот Бенјамин Нетанјаху има комотно мнозинство.

Законот уште во февруари беше предложен од министерот за правда Јарив Левин и министерот за национална безбедност Итамар бен Гвир, кој е лидер на ултранационалистичката партија Оцма Јехудит. Министрите се залагаат полицајците и агентите од службата за национална безбедност Шин бет да имаат пристап до снимки од јавни камери и до софтвер за идентификување лица врз основа на биометриски податоци заради истраги.

Левин во февруари го потпиша и спорниот закон за парламентарна контрола врз судството, против кој веќе седум месеци протестираат граѓани и здруженија, а Бен Гвир се залага за разлабавување на ограничувањата за носење оружје во јавност и за проширување на надлежностите на службата за безбедност Шин бет „заради намалување на стапката на криминал меѓу израелските Арапи“.

Претреси без налог

Кнесетот веќе ги прошири правата на полицијата за претреси на домови без налог, ако има сомневања дека во просториите илегално се крие оружје, како и за користење технологија за набљудување регистарски таблички за да се следи движење на возила со сомнителни лица.

Премиерот Нетанјаху ги брани сите овие закони, вклучувајќи го и најспорниот за судството, истакнувајќи дека се неопходни за одржување на безбедноста, редот и мирот во Израел, но опозицијата и граѓанските здруженија тврдат дека тоа е обид за фазно ослабување на демократскиот систем.

– Не можете да имате демократија ако немате приватност, тоа е основниот услов. Ова е опасно екстремна мерка, која наметнува надгледувано општество – реагира адвокатот Гил Ган-Мор за порталот „Медија лајн“.

Бен Гвир го промовира „Законот за Големиот брат“ приспособувајќи го кон своите екстремни мерки за сузбивање на криминалот меѓу израелските Арапи. Бен Гвир во кампањата ветуваше дека ќе води жестока битка со криминалот, но откако лани даде министерска заклетва бројот на убиства драматично се зголеми, а само во текот на оваа година во насилства и судири со силите за безбедност загинаа повеќе од 170 израелски Арапи.

Камерите не се безгрешни

Технологијата за идентификување луѓе врз основа на снимки се користи низ земји во целиот свет, наспроти критиките за нарушување на приватноста. Токму израелски компании се истакнуваат како најнапредни во развојот на ваква технологија. За време на пандемијата израелски служби без судски налог користеа шпионска технологија за да ги следат контактите на лица заразени од ковид-19.

Активистите стравуваат дека полицијата ќе стекне огромна моќ – Фотографија ЕПА, Орен Зив

Докторката Техила Шварц-Алтшулер од Израелскиот институт за демократија вели дека повеќето развиени земји сѐ повеќе се воздржуваат од користење ваква технологија, а некои и целосно ја забраниле. Во Израел неофицијално таа се користи одамна и војската наводно со неа го следат движењето на Палестинците на Западниот брег и на граничните премини во појасот Газа.

– Проблемот со биометричките камери е тоа што тие прават многу грешки и софтверот со вештачка интелигенција почесто препознава како сомнителни лица луѓе со потемна кожа – вели Шварц-Алтшулер.

Собирање податоци без судски надзор

Новиот закон би им овозможил на полициски офицери да решаваат за поставување камери на период од 72 часа, кој може по потреба да биде продолжен. Полицијата би била обврзана да поднесува до Кнесетот и до јавниот обвинител годишни извештаи за користењето на технологијата. Никаде во законот не е запишано кој ќе се грижи за тајноста на информациите и кој ќе гарантира дека ќе бидат избришани, што ги потхранува стравувањата дека чувствителни информации од приватен карактер може да бидат доставени и до трети луѓе или групи, на кои би им биле од корист.

– Ова отвора можност да се собира огромно количество податоци, со кои лесно може да се манипулира, особено ако нема судски надзор – предупредува Гил Ган-Мор.
Шварц-Алтшулер е убедена дека ќе има злоупотребувања на податоците: „На крајот ќе бидеме сведоци на злоупотреби, бидејќи ретко кој би можел да се воздржи кога пред себе има вакви информации“.

И некои претходни израелски влади се обидуваа да протуркаа слични закони, но не помина ниту еден. Можно е и овој да биде одбиен од Кнесетот кога пратениците повторно ќе се соберат по летниот распуст, но десничарската владејачка коалиција сега има цврсто мнозинство, а против „Законот за Големиот брат“ нема толку протести колку за судските реформи.

– Јавноста не секогаш го препознава тоа што не е видливо на прв поглед. Но, последиците од ваков закон може да бидат длабоки – предупредува Ган-Мор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот