Ќе се бројат крвните зрнца на гласачите во албанскиот блок
Дилемата за можно оспорување на легитимитетот се отвора откако владината коалиција на локалните избори реши првпат да оди со стратегија за меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот изборен круг
Речиси е извесно дека и по локалните избори ќе се повтори ситуацијата од парламентарните на броење крвни зрнца во албанскиот политички блок за докажување кој треба да биде легитимниот претставник на Албанците во општините. И додека премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека владината коалиција ќе биде апсолутен победник на локалните, експертите прогнозираат можна дополнителна политичка конфузија, односно и Европскиот фронт и Вреди да прогласат победа.
Препорачано
Дилемата за можно оспорување на легитимитетот се отвора откако владината коалиција на локалните избори реши првпат да оди со стратегија за меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот изборен круг. Оттука гласовите кои Вреди ќе ги добие во Тетово, Гостивар, Струга… каде што ВМРО-ДПМНЕ ќе нема кандидати ќе бидат „ чисто албански“, зашто токму тоа е аргументот на Вреди наспроти Европскиот фронт за учество во Владата.
Мицкоски е дециден дека ќе нема предвремени парламентарни избори иницирани од резултатот на Вреди на локалните зашто владината коалиција ќе победи на изборите.
– На следните локални избори едно е јасно, тоа е дека владината коалиција ќе биде убедлив победник, а сè друго е политичка калкулација и обид за манипулација од страна на опозицијата. Но, едно е јасно дека владината коалиција ќе биде убедлив победник и по бројот на освоени советнички места и по бројот на освоени градоначалници – вели Мицкоски во интервју за телевизијата Канал5.

Тој смета на убедлива победа бидејќи на едно конто ги става гласовите на трите владини партнери – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.
– Е, па, видете, ова не е шведска маса. Затоа многу сум прецизен во тоа што го зборувам дека едно е јасно дека на следните локални избори владината коалиција ќе има поголем број советници и поголем број градоначалници – вели Мицкоски.
Прашан за наративот на ДУИ дека легитимитетот кај Албанците го даваат гласачите Албанци, премиерот вели дека тоа прашање го коментирал многупати.
– Ние не сме федерација, ние сме унитарна држава, демократија, но едно е јасно во оваа унитарна Македонија, демократска, ваква каква што е, на следните локални избори владиното мнозинство ќе има убедливо најмногу градоначалници и убедливо ќе ја победи опозицијата – вели Мицксоки.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, и по локалните избори во албанскиот политички блок можно да не знаеме кој е победникот.

– Можно е да се појави дополнителна политичка конфузија по локалните избори од следните причини: по бројките најверојатно Европскиот фронт ќе има повеќе гласови на советничките листи, а имајќи ја предвид силината на владината коалиција, најверојатно е дека Вреди ќе има најмногу градоначалнички места. Може да се случи двата кампуса да прогласат победа по изборите и ние повторно да бидеме во ситуација да не знаеме кој, всушност, победил. Но поважно во смисла на вкупната политичка ситуација е како ВМРО-ДПМНЕ ќе ги третира тие резултати имајќи ја предвид нивната досегашна реторика оти тие ја сметаат Вреди за нивен традиционален партнер и не верувам дека и резултатите на локалните избори таа ситуација ќе ја сменат веднаш. Особено затоа што ВМРО-ДПМНЕ има толку многу политички капитал кај македонските гласачи што може да издржи едно време да биде со албански партнер што има помалку гласови – вели Арсовски.
Тој додава дека таквата ситуација единствено би била пречка за закони за кои е потребен Бадентер, но не верува дека тоа директно ќе се прелее на некакви потреси во владејачката коалиција. Сепак, додава Арсовски, ако разликата во резултатот биде драматична, односно ако Вреди значително изгуби на изборите, тогаш тоа може да предизвика предвремени парламентарни избори зашто таквата ситуација нема да биде издржлива во Владата.
– Ако дискрепанцата биде голема, тоа само ќе се засили и ќе стане неодржлива ситуација за ВМРО-ДПМНЕ, која сака стабилна коалиција – вели Арсовски.
Главен аргумент на Вреди зошто стана дел од Владата на Мицкоски иако Европскиот фронт победи на парламентарните избори беше дека нивните гласови се „чисто албански“, додека за Фронтот гласале и Турци, Роми, Бошњаци. Нема одговор од Вреди на чии гласови ќе се реферираат за локалните избори кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи уште во првиот круг во Тетово, Гостивар, Струга, Чаир. Од Вреди велат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи во македонските, а тие во албанските општини.

Аналитичарот Сефер Селими смета дека иако премиерот нагласува дека Македонија е унитарна држава, тој најмногу го загрозува унитарниот карактер на државата со изборот на Вреди за владин партнер и пред да заврши гласањето за парламентарните избори.
– И сега премиерот наметнува дека повторно тој ќе избере кој ќе ги застапува Албанците. Легитимитетот го даваат граѓаните и Македонија како мултиетничка и мултиконфесионална држава се потпира на меѓуетничкото разбирање и претставување на граѓаните каде најголема тежина за социјалната и за меѓуетничката кохезија ја имаат двете најголеми заедници, Македонците и Албанците, со креирање простор и другите заедници да ја чувствуваат државата како своја – вели Селими.
Тој додава дека политичкото претставување е многу битен елемент за да имаме функционална држава каде што граѓаните ќе бидат лојални на државата, а за возврат ќе добијат претставување на нивните права.
– За жал, ваквото арогантно однесување на премиерот, Албанците го чувствуваат како нивно понижување. Ако вака се однесува кон втората по големина заедница, игнорирајќи го нивниот глас, нивното легитимно барање за претставување во власта, ќе се отворат теми што веќе требаше да бидат затворени. Секојдневно власта нарушува столбови што беа градени 20 години, а тоа кај Албанците прераснува во гнев што не знаеме како ќе се канализира и што ќе произведе – вели Селими.
ДУИ континуирано го оспорува легитимитетот на Вреди во Владата и бара предвремени парламентарни избори. Претстојните локални избори во октомври ДУИ ги изедначува со референдум за легитимитетот.


