Кисела Вода во обид да ја „врати во живот“ салата „Расадник“, но прво треба државата да си ја земе од концесионерот, па да ѝ ја врати на Општината

Постои надеж дека салата „Расадник“ во Кисела Вода, ќе се реконструира и ќе заживее, исто како што тоа се случува со салата „Партизан“ во Карпош. Сега објектот е со години напуштен, надвор е од функција и целосно е руиниран.

Советниците во Советот на Општина Кисела Вода на последната седница ја поддржаа иницијативата на градоначалникот Ѓорѓиевски за создавање финасиска конструкција која ќе овозможи реконструкција на ова, некогаш култно место за спортските вљубеници и нејзино преземање од управувањето на централните власти.

Со ребалaнсот, создаваме можност за реконструкција на салата ,,Расадник”. Еднакво важно со градењето е и одржувањето на спортскaта инфраструктура. Жално и недозволиво е спортски објект кој, не само за Кисела Вода, туку и за Скопје, е симбол на едни убави спортски времиња да биде жртва на децениска запоставеност. Во салата Расадник се калеле спортските легенди на „Вардар“, сѐ уште се свежи сеќавањата на полните трибини од кои публиката имала можност да гледа врвна кошарка, одбојка, ракомет. На овој начин, сакаме да го започнеме процесот за враќање во живот на овој храм на спортот. – вели градоначалникот Ѓорѓиевски,

Градоначалникот се надева дека не само советниците, туку и сите жители на Кисела Вода се согласни дека треба да се започне со реконструкција, но и со менаџирање на салата „Расадник, која, според него, треба повторно да биде дом на спортот и расадник на идните спортски легенди. Но, според него, салата „Расадник” сѐ уште е во надлежност на Јавното претпијатие за стопанисување со спортски објекти., односно под директни ингеренции на Владата, кое има задача да стопанисува со државни спортски објекти, како и да инвестира во нови спортски комплекси.

Жителите на општина Кисела Вода го поздравуваат овој потег на Ѓорѓиевски, потсетувајќи се во коментарите колку оваа спортска сала била значајна за општината, какви спортови се практикувале во салата и колку млади спортисти израснале во овој објект.

Владата на седницата одржана уште во декември 2019 година донесе Одлука спортските сали „Партизан“ и „Расадник“ да им бидат вратени на Општина Карпош и на Општина Кисела Вода, исто како и спортските сали во Радовиш и Куманово.

Со овие одлуки, спортските сали се враќаат во владение и на управување на општините и стануваат поблиску до граѓаните и до спортските клубови во локалните заедници со што се отвораат можностите и потенцијалите за нивна поголема искористеност и за развој на спортот и физичката култура – информираа од Владата по донесувањето на одлуките.

Тогаш, во надлежност на Карпош се врати и култната сала „Наум Наумовски-Борче“ или позната кај скопјани како „Партизан“ за која веднаш беше покрената иницијатива за реконструкција и беше избрано идејно решение. Нејзината реконструкција, која е во надлежност на Агенцијата за млади и спорт е во завршна фаза. Изведувач на градежните работи е фирмата „Спектартермо“ а ќе чини 69 милиони денари обезбедени од Владата.Реконструкцијата на салата опфаќа комплетна демонтажа и реконструкција на внатрешноста и надворешноста на салата според избраното идејно решение.

Но, за салата „Расадник“ да се врати во општината, најпрво неа треба да си ја земе државата од концесионерот „Империал Данела“, но досега, како што пренесува СДК, на закажаните термини за примопредавање не се појавил никој од фирмата, која ја има салата под концесија од 2002 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот