Кисела Вода: Првачињата ќе добиваат ранчиња, сите деца таблети, а наставниците компјутери

pixabay
pixabay

Освен во подобрувањето на условите во образованието, во првите сто дена од мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски биле сработени околу 50 проекти, за кои викендов првиот човек на Општина Кисела Вода даваше отчет пред граѓаните.

Сите првачиња што ќе почнат да одат во училиште на територијата на Општина Кисела Вода од следната учебна година, симболично ќе добијат ранче подарок од Општината, најавуваат од оваа скопска општина. Реализацијата на овој проект насловен како „Ранче за секое прваче“, ќе има за цел барем малку да им ги олесни финансиските трошоци на родителите при уписот на своето дете во училиште.

Во контекст на проектот „Ранче за секое прваче“, во текот на наредниот период ќе се спроведе јавна набавка, чија вредност ќе кореспондира со бројот на новозапишани првачиња во учебната 2022/2023 година. Оваа бројка ќе се знае до крајот на мај – информираат од Општина Кисела Вода.

Во изминатиот период во оваа скопска општина е реализиран и проектот „Компјутер за секој наставник во училиштата“, а за олеснување на целокупниот процес на учење, според најавите ќе се реализира и проектот „Таблет за секое дете“.

За секоја училница од сите 11 објекти, од осумте централни и трите подрачни училишта, Општина Кисела Вода обезбеди компјутер за наставниците. На овој начин, тие можат во целост да си ги извршуваат своите обврски на работното место. Ова е посебно значајно бидејќи од оваа учебна година дневникот постои само во електронска форма, но и поради фактот што се обезбедува поквалитетно изведување на онлајн-наставата за учениците што се во изолација. Воедно, ова овозможува и подобра примена на ИКТ во наставата. Еден од следните зацртани проекти е и Таблет за секое дете – информираат од Општина Кисела Вода.

Околу тоа на кои сè други проекти се работело во првите сто дена од почетокот на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, викендов првиот човек на општината даде отчет пред своите сограѓани. Сработени биле повеќе од 50 проекти, се работело на подобрувањето на комуналната инфраструктурата, на реконструкцијата на повеќе улици, започната е и изградбата на фекална канализација на Речиште, се граделе нови паркови.

Преку првиот дел од проектот „Стоп за урбаната мафија“, од заклучените фиоки ги извадивме сите важечки урбанистички планови, ги дигитализиравме и ги ставивме на увид на граѓаните. Стручна комисија ги презентираше првите резултати од утврдените неправилности, a во моментов на тендер бараме независна надворешна ревизорска куќа, која ќе даде свое експертско толкување на урбанистичкото работење на претходното раководство на Општината – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој информира дека досега пристигнале повеќе од 100 пријави за нерегуларности во донесените ДУП-ови. Па, така, како што рече, била спречена изградбата на згради во зеленилото во Балаклија и на станбени објекти во Припор, а целосно е стопиран и предложениот ДУП за Расадник, во кој беа вцртани дури 99 згради, а објавен е нацрт-предлог за Меѓународниот конкурс за Расадник, кој е доставен и до стручната јавност.

Тој соопшти и дека 490 семејства добиле документ за легализација и дека за една година ќе бидат затворени сите предмети. Во овој период започнала и кампањата „Моја земја, мој дом“, преку која граѓаните можат да го откупат земјиштето под и околу легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот