Кинотека: Почна европската „Сезона на филмски класици“

Европската асоцијација на кинотеки кон крајот на минатата година го почна проектот „Сезона на филмски класици“, во кој учествува и Кинотеката на Република Северна Македонија. Првата проекција во рамки на проектот се одржа во декември 2020 година, кога Југословенската кинотека на својот „јутјуб“ канал го прикажа немиот филм „Грешница без грев“ (1930, р. Коста Новаковиќ). Втора проекција во рамките на проектот се одржа на 5 февруари, кога Филмотеката на Валенсија на својот „јутјуб“ канал го прикажа немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ (1918).

Кинотеката на Македонија учествува во овој проект со новите дигитално реставрирани копии на играните филмови „Фросина“ (1952, р. Војислав Нановиќ) и „Мирно лето“ (1961, р. Димитрие Османли). Двете дигитални копии ќе бидат за прв пат прикажани во јуни 2021 година, во летното кино на Кинотеката, со што проектот „Сезона на филмски класици“ ќе финишира. Истовремено, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на првата македонска комедија „Мирно лето“, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години, „современици“ на дејствието на филмот.

Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија. Помеѓу декември 2020 и јуни 2021 секоја од филмските институции избраните филмови ќе ги презентира пред публика: „онлајн“ или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо (доколку станува збор за нем филм), или, пак, проследени со изложба, дискусија или предавање.

Целта на иницијативата, координирана од Европската асоцијација на кинотеки, а поддржана од програмата МЕДИА на Европската Унија, е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“, соопштија од Кинотеката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 67, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот