Кинотечна награда „Златен објектив“ за Тонкица Митровска и Љупчо Константинов

Фотографија: Кинотека

Кинотеката, по повод својот „роденден“ на 29 април, секоја година го доделува признанието „Златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Управниот одбор на Кинотеката на Македонија ги прогласи Тонкица Митровска, аниматорка, и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика, за добитници на наградата „Златен објектив“ за 2023 година. Признанијата и пригодните стилизирани значки ќе им бидат врачени на настан што Кинотеката ќе го организира во текот на мај.

Тонкица Митровска (р. 1948), дипломиран графичар по образование, е една од првите кои работат на анимиран филм во Македонија. Во нејзината кариера таа има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови кои се во опусот на т.н. „Скопска анимирана школа“, односно на Студиото за анимација на „Вардар филм“ – кое практично е формирано како Одделение (Студио) во мај 1975 година. Авторски анимирани филмови во студиото креирале Дарко Марковиќ, Владимир Бороевиќ, Славољуб Игњатовиќ, Петар Глигоровски, Афродита Марковиќ, Делчо Михајлов, Боро Пејчинов, Тонкица Митровска, Мирослав Грчев, Милка Ковиловска и други.

Љупчо Константинов (р. 1946) е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број ТВ филмови, серии и драми, како и во над 60-тина театарски престави. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: за музиката во филмот „Среќна нова ’49“ ги освојува наградите „Златна арена“ за оригинална филмска музика на Филмскиот фестивал во Пула (1986) и Бронзена плакета „Милтон Манаки“ за музика на Фестивалот “Браќа Манаки“ во Битола (1986), а добитник е и на три Златни ловорови венци на МЕС – Сараево, за театарските претстави „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“; добива и награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“; потоа, на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп добива награда за музиката во театарската претстава „Старите фотографии“, итн.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски-Доре; монтажерите Димитар Грбевски, Спасе Тасевски и Олга Лукова-Дончиќ; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, известија од Кинотеката на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот