Кинеската производна машинерија и светот (1)

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Во САД почнав да се занимавам со Кина и со растот на кинеската производна машинерија. Во 2004 година напишав студија „Светот 2040-2050 година“ во која укажувам дека двете растечки династии – кинеската и индиската ќе ги достигнат САД. Кинеската машинерија ќе прави двојно повисок БДП, а индиската ќе го достигне БДП на САД.

Во „Слободен печат“ на 15-16 мај се појави текст пренесен од „Фајненшл тајмс“ за односите помеѓу САД и Кина. Во тоа известување се третираат овие односи еднострано, посебно се обраќа внимание на заштитата на високите технологии, кои може да се употребат за производство на оружје со висока електронска технологија. Односите се многу пошироки и имаат големо влијание на светската економија.

Во САД почнав да се занимавам со Кина и со растот на кинеската производна машинерија. Почнав да следам од 1992 година, а веќе во 2004 година ја напишав кратката визионерска студија „Светот 2040-2050 година“, во која укажувам дека светот во 2050 година економски ќе биде во друга ситуација во споредба со денешната, зашто двете растечки династии – кинеската и индиската ќе ги достигнат САД. Кинеската машинерија ќе прави двоен БДП, а индиската ќе го достигне БДП на САД. За да им биде појасно на нашите читатели како се создавани овие династии, ќе се обидам да им ги насликам случувањата, кои ги следев и ги доживував во САД.

Главни фактори на економските  движења во светот се: американскиот капитал, европскиот капитал, руската суровинска база, појавата на кинеската машинерија, индиската, како и придонесот на помалите – Канада, Австралија, Бразил и Јужноафриканската унија. Да го проследиме придонесот и влијанието на секоја од овие учеснички во светската економија.

 

МН: Американскиот капитал

 

САД со 330 милиони жители и со БДП од 22,700 трилиони долари (24% од светскиот БДП) претставува една од најголемите и најробусни економии, според моја дефиниција најагресивна и најпрогресивна економија, зашто со својот настап е заинтересирана само за профит, носи технологии – знаење, пари – и зад себе остава богати земји. Така, ја обнови Германија со Маршаловиот план, потоа на Далечниот Исток Јапонија, Малезија, Филипини, Јужна Кореја, Сингапур и Тајван, а сите заедно ги направи гигант. Карактеристично е кога овие земји ќе достигнат саатница за работниците над 8 долари, а тоа е границата над кои профитот на Американците е загрозен, ги земаат фабриките и ги селат на ново подрачје со ниски плати, а во земјите во кои биле им остава сѐ. Се случи по 35 години САД своите фабрики, околу 3.500, од земјите на Далечниот Исток да ги пренесе во Кина, а донесе уште 2.000 од САД, така што во средината од деведесеттите години почна создавањето на кинеската машинерија со помош на САД.

Ќе изнесам еден интересен случај во врска со носењето на американските фирми во Кина. Познатиот носител на високи технологии Џобс требаше да гради за своите иновации три фабрики во Кина. Кога го слушна тоа, претседателот Обама го повика и го замоли фабриките да ги гради во САД. Џобс му одговори: Кина ми даде најниска цена и рок од три месеци. Американската понуда беше двапати поскапа, а рокот беше една година. Извинете, господине претседателе, немав друг избор освен Кина. Според грубите предвидувања се очекува и раст на саатниците во Кина, па се претпоставува дека во 2050 година овие фабрики ќе се преселат во нови дестинации со евтина работна сила: Индонезија, Бангладеш, Виетнам, Пакистан, со популација од 700 милиони луѓе.

Европскиот капитал

Европа со 500 милиони жители и со БДП од 15,299 трилиони (6 проценти од светскиот БДП), ние во САД ја викавме „болна убавица“, бидејќи земјите од ЕУ повеќе мислат за успешноста и за добивката за себе, отколку за успехот на ЕУ. Овој капитал е многу конзервативен. Додека американскиот капитал чекори, создава и остава развој, европскиот капитал уште собира работна сила (Германија  бара уште 200.000 работници). И, наместо фабриките да одат таму каде што е работната сила, таа ги бара во Европа само да им даде плата, а тие се да остават во Европа. Така Германија експлоатирајќи ја работната сила, се богати и станува најсилна економија во Европа.

Русија со популација од 146 милиони и БДП од 1,7 трилиони (1,8 проценти од светскиот БДП)  не претставува економска сила, но на другите две подрачја е главен играч во светот. Според вооружувањето е втора, а во некои сектори и прва во светот. Русија со европскиот, сибирскиот и со делот од Северниот пол е најголемата суровинска земја во светот. Таа има 32 процента од суровините на „row“-материјалите во светот: железо, бакар, олово, цинк, манган и дури и благите метали. Со злато, сребро и со дијаманти е најбогата во светот. Се смета дека Русија држи 38 проценти од светските резерви на енергенсите: нафта, гас, јаглен, шкрилци…Тоа значи, како производна економија не е голема, но во вооружувањето е прва или втора (набрзо тоа место ќе и го препушти на Кина), но во суровините останува лидер во светот. Бидејќи ниедна економија не може без нив, суровините остануваат важен фактор.

Подемот на Кина

Кина со една милијарда и 427 милиони жители – работна сила од 750 милиони луѓе, со БДП од 16,347 трилиони (17,5 отсто од светскиот БДП) и со раст од 6,8 отсто претставува најголема нација во светот. По капитулацијата на Јапонија во Втората светска војна почнува борбата (против селанството на чело со Мао Це Тунг, против Куоминтанг на Чанкај Шек) која завршува со победа во 1949 година и се формира Народна Република Кина. Тогаш почнува борбата за раст, следува културната револуција и на крај индустриската. Творец на индустриската револуција е малиот Ден Сјаопинг, кого Мао го тргна настрана. Само што почина Мао во 1976 година, Ден веќе во 1977 година беше вратен на највисоко место, но важна е неговата енергична ангажираност во формирањето на силна Кина.

Прво, ја отвори Кина за влез на западниот капитал и на современите технологии, ги посети САД – Картер возврати – за да ја промовира новата физиономија: два система во еден, капитализам и комунизам, со изреката: Не е важно дали е мачката бела или црна, важно е да лови глувци. Овде додавам едно сеќавање. На симпозиумот на економистите во Врњачка Бања академик Кирил Миљовски во рефератот образложи за нациите поголеми од 500 милиони – кај нив, покрај пазарната економија мора да има учество и на државата во водењето на економијата. Тој ја наведе Кина како пример со образложение. Во историјата на Кина секоја година од глад умирале по 1 милион луѓе, а од многумилионскиот население половина било невработено; сега никој не умира од глад и нема невработен. На секоја десетта година се случувала некоја буна, сега нема буни. Заклучок: ова е најдобриот режим за оваа мултимилионска земја. Токму тоа го направи Малиот Ден со двата система во еден.

Во почетокот сите фирми биле државни, но постепено  Кина ги трансформира во приватни. Се оценува дека сега речиси 60 отсто од малите и средни компании се трансформирани во приватни. Во почетокот американските фирми биле бенефицирани, но како што годините минуваа Кина ги менуваше правилата, па односите со САД стануваа тензични, но и двете страни знаат дека не можат една без друга. Прво САД преку Светска банка одби да го финансира проектот „Браните 3 Гонг“, Кина го изгради сама. Потоа Кина изгласа закон според кој странска компанија не може да биде генерален контрактор, па многу американски фирми преминаа во подизведувачи. Така се редеа опструкциите. САД го соборија пазарот и Кина изгуби тешки милијарди, па постојано воведува рестрикции за извозот и за увозот од Кина. На крај, соработката изразена во пари е над 500 милијарди, а и да не ги спомнуваме кредитите. Не случајно Обама изјави дека САД живеат на кредитната картичка на Кина. Ако го погледнеме растот, се очекува кинеската економија во 2026-2028 да ги престигне САД и може да се очекува во 2050 година Кина да прави двапати поголем БДП отколку САД. Мора да напоменеме дека БДП на САД главно го прават високите електронски технологии, додека кинеските се во машинеријата.

Индиска династија

Индија со популација од една милијарда и 363 милиони жители и со 700 милиони работна сила е втора по големина нација во светот и со БДП од 3,5 трилиони доцни во однос на моите предвидувања. За разлика од кинескиот, Индија има демократски систем без влијание на државата во економијата. Целото стопанство е во приватни раце, многу бизнисмени работат  во странство – во челикот е Митал, половина од интелектуалниот компјутерски сервис во САД го вршат индиски фирми. Индија има 100 милиони факултетски образовани и таа е најголем извозник на високообразовани луѓе, така што бројките за БДП не ја прикажуваат реално силата на државата, тие се малку поголеми.

Ако ги споредиме двете династии излегува дека кинескиот систем „два во еден“ со контрола на државата и индискиот без мешање на државата, кинескиот се покажува како многу поефикасен. Во САД говоревме дека еден Кинез работи колку десет Индијци, а еден Индиец мисли колку десет Кинези! Во создавањето на кинеската и на индиската династија најзаслужни се грешките што ги направиле американскиот и европскиот капитал.   Во Втората светска војна за масовно производство на оружје се развија двете познати технологии на ленти. Едната е производот да стои, а работниците да патуваат од еден до друг производ, а втората е производот да биде на лента и да патува, а работниците стојат на место и да го составуваат. Во 1970 година западните фирми оценија дека растат цените на работниците на ленти, па решија да ги заменат со робови, а лентите заедно со технологијата им ги префрлија на Кина и на Индија. Тоа на овие земји им овозможи да вработат голем број работници. Втората грешка на западниот капитал се случи во 2014 година за време на вториот мандат на Барак Обама. Јас гласав двапати за него, тој е одличен познавач на состојбите во САД, но без меѓународно искуство. И покрај предупредувањата од Кисинџер, по случувањата во Украина и во Крим се залета и помисли дека ќе ја казни Русија со големо ембарго на извозот од Русија. Русија се сврти кон Кина и кон Индија, долгорочно си обезбеди голем извоз и тоа го овозможи раѓањето и растот на овие две династии. Испаѓа дека наместо Запад да го контролира растот на овие две економии со тоа што би го контролирал снабдувањето со репроматеријали, Западот им помогна на Русија, Кина и на Индија да имаат безгрижен развој и раст.

Народот вели – секој може да произведе, кој е тој што ќе продаде? Светските аналитичари говорат дека светот би добил 1.500 милијарди производи годишно, но за да не се наруши балансот на светскиот  пазар Кина мора за овој извоз да купи, односно да увезе производи во вредност од најмалку 70 отсто од извозот. Идеално е ако извозот биде 100 отсто покриен со увоз. Не може да му продаваш на светот, мора и ти да купуваш за светот да има пари  за твоите производи. Кинеската страна разработува стратегии за извоз на типови производи според континенти и држави, а светот и ние како дел од него мора да се подготвуваме за извоз во Кина.

Економиите на Канада, Бразил, Австралија и на Јужна Африка се добри, но нивното влијание на светските економски текови се мали и не се третираат посебно.

(Продолжува утре)

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот