Киев запнал за „леопарди“, но нема да одбие ни „абрамс“

Украински активисти протестираат барајќи повеќе тенкови „Леопард“/ Фото: Vano SHLAMOV / AFP / Profimedia

Предностите на германскиот тенк се погонот на дизел, поголемата подвижност, лесното одржување и близината до Украина, поради што може побрзо да биде испорачан до фронтот

Украина не случајно инсистира од сојузниците да добие „леопард 2“, претпочитајќи ги проверените германски машини во однос на другите тешки тенкови, дури и од американските „абрамс“.

По упорен притисок од Киев, но и од сојузниците во НАТО, Берлин наводно се согласил во Украина да бидат испратени 14 тенкови „леопард 2“. Извори во Вашингтон во исто време објавија дека и САД решиле да направат пресврт во својата политика и на Украина да ѝ испратат 30 тенкови „абрамс“. Изворите не наведоа дали одлуките на Берлин и на Вашингтон се директно поврзани и меѓусебно условени. Ниту е потврдена ниту е демантирана информацијата дека канцеларот Олаф Шолц во телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден му ветил дека Германија ќе ѝ испрати на Украина „леопард 2“ само ако и САД ѝ испратат тенкови „абрамс“.

Володимир Зеленски и Олаф Шолц
Володимир Зеленски и Олаф Шолц во Киев, Украина / 16 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Украина со месеци наназад добиваше на помош тенкови од своите западни сојузници, но тоа беа стари оружја, претежно од советско производство, што останале во хангарите на поранешните членки на Источниот блок во Европа. Таквите оружја му помогнаа на Киев да го забави почетниот продор на руските сили во првите месеци од инвазијата врз Украина, но не и да возврати и да ги потисне инвазиските сили од окупираната територија.

Кога во септември пристигна ветената помош во долгострелна артилерија, украинските сили тргнаа во моќна контраофанзива и ослободија многу региони – го деблокираа Харков од обрачот, го ослободија Херсон и притиснаа на фронтот кон Доњецк и Луханск. Откако во ноември фронтот се стабилизираше, Украина предупреди дека руските сили се престројуваат и се засилуваат за нова февруарска офанзива и ги засили барањата да добие нови и модерни тенкови, со приоритет тоа да бидат токму германските „леопард 2“.

Фото: Bundeswehr/Wikipedia

„Бредли“ и „челинџер“ не се доволни

Вашингтон и особено Берлин упорно се воздржуваа од испраќање на своите најсилни копнени оружја на фронтот со Русија, стравувајќи дека така би му помогнале на Кремљ да ја претстави „специјалната операција“ како војна против САД и Германија. Америка на Украина ѝ вети оклопни пешадиски возила „бредли“, а Германија ѝ испрати противвоздушни системи „патриот“, но не стивнаа барањата од Киев да добие „леопард 2“, барам од Полска, со одобрение од Германија како производител.

Кога Обединетото Кралство се истакна како приот западен сојузник што на Украина ѝ испратил 14 од своите најнапредни тенкови „челинџер 2“, Киев се заблагодари на „храбрата и навремена одлука на Лондон“, но министрите за одбрана и за надворешни работи отворено забележаа дека британските тенкови „не се доволни за да бидат остварени оперативните цели“ и го повторија барањето до сите земји што имаат „леопард 2“ во своите хангари да ѝ ги испратат на Украина.

Тенкови Челинџер/ Фото Профимедиа

Отпорот на Берлин конечно попушти. Шефицата на дипломатијата Аналена Бербок во понеделникот изјави дека Германија „нема да застане на патот“ ако Полска ѝ испрати тенкови „леопард“ на Украина. Веќе во вторникот пристигнаа неофицијални вести дека владата на канцеларот Олаф Шолц конечно прифатила да испрати 14 тенкови во Украина. Речиси во исто време, сличен сигнал пристигна и од Вашингтон, за испраќање 30 тенкови „абрамс“.

Украина ги претпочита „леопард 2“, иако и германските и американските тенкови се „слични како браќа“. Разликите се ситни, но битни.

Неуништливи и убиствени

Од промовирањето во 1979 година и со неколку надградувања, германскиот „леопард 2“ важи за еден од најмоќните борбени тенкови во светот. Развиен е во погоните на „Краус-Мафеи Вегман“, како замена за оригиналниот „леопард“. Доминантната позиција во однос на тогашните советски тенкови му ја обезбедуваа напредната оптика. Термалната камера и ласерскиот нишан му овозможуваа да функционира без проблем и дење и ноќе, како и во тешки временски услови. Наспроти тежината од 55 тона (со муниција), турбодизел моторот од „МТУ Фридрихсхафен“ со 12 цилиндри и 1.500 коњски сили му овозможува брзина од 68 километри на час (31 километри на час во рикверц) и радиус на движење од 219 километри по отворен терен.

Четиричлениот екипаж (командир, нишанџија, полнач и возач) е заштитен со зајакнат оклоп од челик со тунгстен. Надградените модели во оклопот на куполата имаат и титаниум, а може да се постави и активна заштита. Главното оружје е 120-милиметарски топ од „Рајнметал“, како и два митролези од 7,62 милиметри. Муницијата (42 гранати и 4.750 куршуми) е складирана во посебна комора, намалувајќи го ризикот од случајно активирање, како кај советските тенкови „т-72“. Во битки низ Авганистан тенкот издржал напади со противтенковски проектили и мини, но турската армија загубила неколку „леопарди“ при воените операции во Сирија.

Американскиот тенк „абрамс“ има слични маневарски карактеристики и огнена моќ, а во оклопот има и заштита од осиромашен ураниум. Компаниите „Крајслер дифенс“, а потоа „Џенерал дајнамикс“, произвеле 10.700 парчиња „абрамс“ и се гордеат со фактот дека ниту еден тенк на Армијата на САД не бил уништен од непријателски оган во битка, иако масовно биле користени во Заливската војна и на бојните полиња во Авганистан, во Ирак и во Јемен.

Фото: NARA & DVIDS Public Domain Archive

Дизел си е дизел

Главната разлика е во моторот. „Абрамс“ користи керозин, а „леопард 2“ дизел, поради што полесно може да се одржува. Новите модели на американските тенкови, исто така, се значително потешки, дури и до 75 тони, поради што се поранливи на неприодни локации и при премин на реки. „Абрамс“ се потешки и поскапи за одржување. Предноста е и тоа што повеќето германски тенкови се распоредени низ Европа и може значително побрзо да ѝ бидат испорачани на Украина.

Армиите низ Европа имаат повеќе од 2.000 тенкови „леопард 2“, а 200 се паркирани во хангари во Германија. „Рајнметал“ објави дека може да ѝ испорача 139 тенкови на Украина до крајот на оваа година. Извозот главно е насочен кон европските членки на НАТО, Турција, Канада, а мал број тенкови им се продадени на Чиле, Катар и на Сингапур.

Европскиот совет за надворешни односи уште во септември ги повика западните земји да ѝ испратат тенкови „леопард 2“ на Украина, забележувајќи дека критичниот момент ќе биде кога тоа ќе го стори Германија. Тоа би овозможило сите земји што имаат вакви оружја да споделат некои од нив со Украина, со што во исто време би се растовариле од поединечна одговорност и би демонстрирале единство во поддршката за Киев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот