Ќе останат ли годинава пари и за К-15?

Плажа Охрид Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Согласно Колективните договори, работодавачите требаше да го исплатат регресот за годишен одмор на почетокот на овој месец и тоа во износ од околу 10.600 денари.

Јули изминува, но никој не го споменува регресот за годишен одмор. Пандемијата и намалената економска активност, како да ги стивнаа работничките барања, иако согласно Колективните договори, работодавачите требаше да го исплатат популарниот К-15, на почетокот на овој месец. Сојузот на синдикати на Македонија, навреме потсети дека јули е и месецот, кога најголем дел од работниците го исполнуваат условот за добивање на регрес за годишен одмор со работење најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Најнискиот износ на исплатениот регрес треба да изнесува 40 проценти од просекот на трите последни просечни нето плати исплатени на ниво на држава што ги објавува Државниот завод за статистика. Според таа пресметка, сумата која што треба да ја добијат работниците во приватните компании, би требало да изнесува околу 10.600 денари.

-Бараме и останатите работодавачи согласно Гранските или Колективните договори на ниво на работодавач да го сторат истото на почетокот на јули. Со оглед на можноста од користење на ваучерите за домашен туризам на сите граѓани кои ги исполнуваат условите кои ги додели Владата и исплатата на К-15, македонските работници особено оние со пониски примања, ќе можат да си дозволат годишен одмор за своето семејство, а со тоа ќе бидат поддржани и туристичко-угостителски објекти, кои во изминатиот период беа најпогодени поради нивното неработење, посочија од ССМ. Инаку, ССМ на почетокот на оваа година побара да нема дискриминација и регрес за годишен одмор да има за сите вработените во јавниот сектор. Оттука и апелот што поскоро да се потпише Општиот колективен договор кој ќе ги опфати сите работници.

Сепак, останува прашањето, колкав дел од компаниите, годинава ќе бидат исправени пред дилемата дали да отпуштаат работници или да ја исполнат обврската од Колективните договори?

-Во вакви тешки услови за работење и опстанување на компаниите, исплатата на К-15 дополнително ќе ги оптовари компаниите. Во Општиот колективен договор постои одредба со која се дозволува на работодавецот во услови на тешкотии во работењето да може да исплати и понизок износ од утврдениот. Можеби ќе треба заедно со Сојузот на синдикатите да ја допрецизираме оваа одредба за да може полесно да се применува, а да остане можноста оние компании кои немаат тешкотии да исплатат К-15, изјави неодамна Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи.

Од најголемата синдикална организација претходно апелираа, работниците, средствата од ваучерите, како и регресот за годишен одмор, да ги искористат исклучиво во туристичко-угостителски објекти во кој има организирано синдикат и каде што не се кршат правата на оваа категорија на работници. Со тоа, како што велат ќе се придонесе и спречи несовесни работодавачи да ги злоупотребат парите на работниците и да ги кршат нивните права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот