Казни за управителот на Кванташки пазар, за увозниците и маркетите, ќе следуваат и кривични пријави

Фото: МИА

Министерот за економија го одржа ветувањето и соопшти дека неколку увозници на овошје и зеленчук, кои ги криеле производите добиле парични казни, а глоби има и за неколку познати. Цените на зеленчукот и овошјето остануваат замрзнати по 30 април

Над 15 тони овошје и зеленчук, се одземени од трговците на Кванташкиот пазар, а компанијата Анмарк МК Дооел, која управува со пазарот на големо добила кривична пријава. Ова е епилогот од вчерашната заедничка акција на пазарните инспектори, УЈП и Финансиската полиција, соопштија на прес-конференција, министерот за економија Крешник Бектеши и Горан Трајковски, директор на ДПИ. Министерот за економија го одржа ветувањето и соопшти дека неколку увозници на овошје и зеленчук, кои ги криеле производите добиле парични казни, а глоби има и за неколку трговски синџири, меѓу кои се „Веро”, „Стокомак”, „Кипер”, „КАМ”, „Тинекс” и Миса.

-Откриени се неколку затајувања на данок над 10.000 евра, за што ќе следуваат кривични пријави. Во тек се анализите кои ги прави Финансиската полиција и до крајот на оваа недела ќе се достават и кривични пријави за одредени правни субјекти. Нема недопирливи и тоа го покажавме. Акциите ќе продолжат и сите кои нема да ги почитуваат владините одлуки ќе бидат казнети – соопшти Бектеши. Бектеши соопшти и дека ќе биде продолжена важноста на одлуката за замрзнатите цени на зеленчукот и овошјето, а тоа значи дека увозниците и трговците имаат обврска да снабдуваат 70 отсто од потребите на пазарот.

-Видовме дека одредени увозници не доставуваа соодветни количества на свежи производи и на пазарите и по маркетите. Најмасовно е кај гравот. Им порачувам да не си играат и да си ги завршат обврските ако не сакаат да им биде запленета стоката – порача Бектеши.

Директорот на ДПИ, Трајковски ги повика компаниите да дојдат и да ги земат платните налози и да си ги платат казните, во спротивно ќе се тераат судски постапки, но тогаш ќе мора да се соочат со пазарните инспектори.

-Од денес па натаму нашите колеги ќе присуствуват на секое судско рочиште како сведоци. Така ќе биде нашиот збор против нивниот, сите инспектори кои констатирале прекршок ќе се појавуваат на рочиштата, и тоа мора да биде пракса. Системот мора да профункционира – додаде Трајковски, кој не сакаше да коментира зошто досега се избегнувала оваа пракса. Од ДПИ ветуваат дека ова е само почеток и ќе продолжат контролите на сите локации низ земјава. Ќе се чешлаат и зелените пазари, иако од досегашните контроли е констатирано дека извориштето на проблемот се увозниците на големо.

-На Кванташкиот пазар затекнавме трговци кои не водат евиденција за трговија. Стоките се одземени, донирани и распределени каде што е најопходно. Јас како директор апелирам до сите економски субјекти, со време да си ги платат казните, рече Трајковски на заедничката прес-конференција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот