Кавга во Судскиот совет заради претставка за судија за непотизам и корупција

Седница на Судскиот совет/Фото: Скриншот

Кога пред членовите на Судскиот совет на денешната 491 седница се најде претставка против претседател на суд за непотизам, пристрасност при вработувања и сериозно обвинување за примање на мито, се скараа претседателката Весна Дамева и Лорета Горгиева, член на Советот околу натамошната судбина на оваа претставка.

Горгиева која е известител за претставката поднесена од анонимен подносител објасни дека во основа случајот се однесува на избор на вработувања по оглас за прием во стручна служба на суд на кој се барале 23 извршители на определно време, од кои 19 лица добиле унапредување, додека 4 лица отпаднале од постапката и на нивно место биле примени нови четири лица, а меѓу отпуштените имало и бремена жена. Анонимниот подносител тврдел дека четирите новопримени лица биле во блиски роднински и пријателски врски со претседателката на судот која пак ги негирала овие обвинувања за непотизам. Горгиева кон оваа претставка го додаде и дописот разгледуван на колегиум на Судскиот совет на 22 април годинава со идентична содржина, кој бил отфрлен со образложение дека Советот не е надлежен за вработувањата и тука изби кавгата:

– Во дописот стои дека судот личел на судска кооперација во која се продаваат разни стоки и има индиции дека лицето Силвана зема износ од 5.000 евра. Тука има сериозни наводи кои упатуваат на непотизам и коруптивно однесување и предлагам претставката заедно со дописот да се затвори со службена белешка дека се упатува на надлежно постапување во ДКСК и Јавното обвинителство – побара Горгиева.

– Нема такви наводи во претставката. Наводите се за вработувањата и не може Судскиот совет да се произнесе за нив. Овој допис ќе го ставиме дополнително на разгледување на наредна седница. Сега да гласаме само за претставката, да се затвори само со службена белешка, а оние дописи кои беа презентирани од страна на  известителот да се препраќаат до надлежните институции – рече претседателката Дамева и се обрати до колешката да го преформулира предлогот.

– Немојте погрешно да известувате и погрешно да формулирате. Дописите се само ставени во прилог како доказ кон претставката затоа што се однесуваат на исти наводи и се идентични. Значи претставката е со број  УПП бр. 08-65/24, а дописите внатре, поминати на колегиум со друг број, се само прилог како докази за претставките – рече Горгиева и ја обвини Дамева за селективност и за малтретирање.

Дамева побара да се обезбедат сите оние докази за кои колешката зборуваше, да се стават и разгледаат уште еднаш на работен состанок кога ќе биде присутен координаторот за потоа да произлезе дали ќе се стават на седница и што е одлучено.

– Вие предлагате архивиран, готов предмет повторно да биде на разгледување. Вие имате интенција на искривување на нештата и за тоа треба да одговарате. Предлогот е мој, ставете го на гласање, рече Горгиева.

Членот Александар Камбовски сметаше дека дописот не е сериозен, поднесен е анонимно и нема докази за роднински врски со претседателката на судот. Постапките за вработување подлежат на контрола кај други органи, рече тој.

Она за што се сложија присутните членови на Судскиот совет беше за одлуката за времено упатување на судија во Основен суд Берово и за определување на в.д. претседател на ОС Берово, при што судијката од Основниот суд Струмиц,а Билјана Иванова беше времено упатена за вршител на должноста претседател на Основниот суд Берово до 9 октомври, иако се отвори расправа дали во судот во Берово да се упати судија од Основниот Суд Штип, ОС Кочани или ОС Струмица.

Судскиот совет донесе одлуки за престанок на судии поротници на Основен суд Струга и за избор на судии поротници во Основен суд Струга, а усвои и Упатство за измена и дополнување на Упатството за начинот на пресметување на ефективни работни часови.

Советот го разгледа и Извештајот на Комисијата за рангирање на кандидатите за избор на десет судии во скопска Апелација, каде се појавиле спорни пријави, односно четворица судии кои сакале да напредуваат во Апелациониот суд Скопје, не поднеле документи кои се бараат според огласот: уверение за државјанство, дипломата од Правен факултет и дипломата за положен правосуден испит.

Членовите на Судскиот совет се сложија дека кандидатите судијата од ОС Тетово Бетим Јахја, Бранка Наумовска, судија од Основниот кривичен суд Скопје, Александра Поп-Стефанија од ОС Охрид и Дијана Нацевска од ОС Скопје се докажани судии со доволен судски стаж и поради тоа заради формални причини, не треба да им се ускрати можноста да учествуваат во постапката за избор на судии во Апелација.

– Постапката на овие судии ме повреди и разочара. Тоа се судии кои покажуваат непочитување на огласот и законот, а сакаат да напредуваат. Законот е јасен дека треба да имаат комплетна и уредна документација за да бидат ставени на кандидатската листа за после да бидат избрани – реагираше Лорета Горгиева.

Дамева се повика на праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) дека „претеран формализам не треба да се дозволи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот