Камионите ќе останат паркирани, транспортерите вознемирени од доцнењето на „НМК“ налепниците

Осум месеци откако Владата заклучи дека наместо да се менуваат, на возилата ќе се ставаат налепници со „НМК“ ознаката, процесот се уште не е готов, а ова ја зголемува нервозата и кај транспортерите, бидејќи тоа им го загрозува бизнисот

Се уште нема абер кога ќе стигнат и колку ќе чинат налепниците со „НМК“ ознаката за регистерските таблички. Осум месеци откако Владата заклучи дека наместо да се менуваат, на возилата ќе се ставаат налепници, процесот се уште не е готов. Рокот за промена на таблиците исто како и за личните документи беше 12 февруари, но иако налепниците ќе може да се подигнат и по тој рок, сепак доколку граѓаните тоа не го направат до 12 февруари, ќе значи дека веќе од 13-ти февруари нема да може да ја напуштат државата со старите таблици со ознака „МК“. Ова ја зголемува нервозата и кај транспортерите, бидејќи тоа им го загрозува бизнисот.

Што тоа значи за државата, покажува податокот дека 95 отсто од увозот на целата стока во државата се врши со камионски превоз. Билјана Муратовска од „Макам Транс“ за „Слободен печат“ вели дека ако државата не може да го стигне рокот тогаш треба да испрати депеша до сите европски институции дека обврската од Преспанскиот договор се пролонгира на одреден период. Државата пред се треба да го брани интересот на своите граѓани и правни лица, особено што другиот потписник на преспанскиот договор нема исполнето ниту еден услов од него, вели Муратовска. Од „Макам транс“ потсетуваат и дека во изминатиот период превозниците што вршат превоз на стока за, од и низ територијата на Грција, ставале налепници со ознаката „НМК“ и немале проблеми. До затворањето на весникот не добивме одговор од МВР за тоа до каде е процесот на изготвувањето на налепниците и кога ќе им бидат достапни на граѓаните.

Транспортерите и компаниите кои вршат автобуски превоз, веќе се во паника дека нема да може да ја завршат постапката за сите возила.

-По овој датум ќе има проблем при излезот надвор од државата, што значи нови трошоци и загуби поради нереализираниот превоз. Затоа и иницираме евентуално одложување на датумот. Први ја поздравивме одлуката на Владата за налепниците. И ако оваа владина одлука на граѓаните ќе им заштеди 1.600 денари, нам ќе ни го скусеше трошокот од 5 до 10.000 евра. И се уште чекаме – објаснува Муратовска.

Освен стотиците илјади граѓани, во согласност со обврските од Спогодбата со Грција и над 30 илјади македонски транспортери, треба да ги заменат регистарските таблички и да вметнат ознаката „НМК“ до 12 февруари годинава. Кај превозниците не беше во прашање само замената на табличките, бидејќи со процесот следи и замена на сет од најмалку 20 други документи, кои се поврзани со регистарскиот број на камионите. Дел од овие документи се вадат во странство, за што е потребно време и дополнителни средства. За да се избегнат поголеми застои, особено за возилата што се набавени и првпат регистрирани во државава до 9 јануари 2021 година, од кога и за првпат се изработуваат табличките со ознаката „НМК“, токму од „Макам транс“ произлезе барањето на камионите да се става посебна налепница при редовната регистрација на возилата, а секое ново набавено возило да добие регистарски таблички со ознаката „НМК“ како и досега.

Врз основа на потпишаниот преспански договор и измената на Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање (во натамошен текст: правилникот, Службен весник бр.293 од 10.12.2020 година), постојните регистарски таблици се неупотребливи поради замена на ознаката на државата од „МК“ во „НМК“ и тоа со правилникот е предвидено тие да се заменат до 12 февруари 2024 година.

Ако нема налепници, ќе нема и туристички тури

И туристичките агенции кои имаат сопствен превоз брифираат дека имаат проблеми со вадењето на нови лични документи, бидејќи и возачите, како и другите граѓани мора да закажат за термин, што исто така е врзано и со замената на лиценците за возење во странство.

– Имаме колеги кои сè уште чекаат термин за промена на документите. Некои пак добија датум далеку по 12 февруари. И земањето на готовите документи е проблематично. Ако не успеат да ги сменат документите, ќе треба да се одложат екскурзиите и туристичките тури или да се ангажираат дополнителни автобуси, што е речиси невозможно во ова време кога нема доволно професионални возачи ни кај нас, ни во светот. Имаа осум месеци да го завршат процесот на издавање на налепниците за регистарските таблички – брифираат во една скопска агенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот