Какруки пред дуелот со Ирска: Верувам дека сме подобар тим и одиме на победа
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација е фокусирана на следниот предизвик во претквалификациите за Евробаскетот 2029, а пред дуелот со Ирска своите очекувања ги сподели Ваљмир Какруки.
Препорачано
Крилниот кошаркар не го памети по најдобро првиот дуел со Ирска во Даблин, иако Македонија тогаш стигна до победата. Какруки од тој натпревар си замина со повреда на бутниот мускул која го оддалечи од теренот во наредниот период.
Сепак, тој момент одамна е зад него. Новиот кошаркар на косовски Башкими гледа само кон новите предизвици и е подготвен да помогне во дресот на националниот тим.
– Супер ги поминавме подготовките. Имавме два контролни натпревари со Бугарија и можам да кажам дека сме подготвени за следниот меч со Ирска во претквалификациите. Ни требаше малку време да се запознаеме сите подобро, но мислам дека периодот што го поминавме заедно беше доволен за да се подготвиме за следните предизвици – вели Какруки.
Македонија во овој циклус ќе настапи со променет состав, но според Какруки тоа нема да биде пречка за исполнување на целта.
– Факт е дека половина од тимот ќе биде нов, но нашиот фокус е кон натпреварот со Ирска. Ќе дадеме сè од себе да победиме и ќе играме максимално ангажирано. Се надевам на победа, затоа што верувам дека сме подобар тим од ривалот кој ни доаѓа во Скопје – рече македонскиот репрезентативец.
Дуелот со Ирска ќе биде нов тест за избраниците на селекторот, кои сакаат со победа да го продолжат патот кон пласман на Евробаскетот 2029.


