Како државните претпријатија ќе се откажат од приватните?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Ако добавувачите со години вработувале луѓе, купувале опрема каква што е потребна за овој аутсорсинг, како сега државните и јавните претпријатија одеднаш да им кажат: Ние сега си имаме своја механизација, ајде чао?

Тендерите на „Национални шуми“ и на „Македонија пат“ објавени од Бирото за јавни набавки повторно ја актуализираа темата – зошто да се даваат огромни пари секоја година на други, наместо да се купи сопствена механизација. Ако се стават на маса сите досегашни зделки, досега се преплатени и пилите за сечење дрва и камионите за транспорт и механизацијата за крпење дупки…

Но, тука вистината има и една друга економска логика. Ако добавувачите на државните и на јавните претпријатија со години заработувале пари од овие претпријатија, вработувале луѓе за да ја вршат таа помошна дејност, ако тие фирми купувале се повеќе и повеќе опрема каква што е потребна за овој аутсорсинг, тогаш како сега одеднаш да им се каже: Ние си имаме своја механизација, ајде чао? Работите очигледно не се црно-бели. Има и сива зона. А таа е најопасна. Во сивата зона се местат тендери, се договараат провизии. За такви нешта има и судски разрешници. Веројатно најзапаметена ќе остане онаа со бизнисменот Сеат Кочан, кој доби 6 години затвор во врска со тендерот за ископ во РЕК Битола. Но, оваа судска разрешница, како дел од пресметката со криминалот на претходниот режим, сѐ уште не може да ја убеди јавноста дека сега тендерите се сосема чисти. Дури и да се. Но, еве што кажуваат голите факти.

Државната компанија ЕСМ во чија сопственост се електраните, вклучувајќи ја и РЕК Битола, минатата година била најголемиот државен загубар со минус од 16,8 милиони евра. Добрата вест е што компанијата веќе неколку години купува сопствена механизација. Оваа Влада беше остар критичар токму на тендерите за РЕК Битола, односно за ангажирање компании со нивна механизација за ископ и транспорт на јаглен.

„Македонијапат“ за зимата што помина објави тендери за ангажирање механизација и работници, заедно со потрошните материјали – сол и чакал за чистење и за прскање на улиците во зимски услови, вредни над 8 милиони евра. Само за зимско одржување на патиштата и на автопатот на територијата на подружниците Скопје, Битола, Велес, Штип, „Македонијапат“ платила речиси 3 милиони евра, иако планирала 1,34 милиони. Оваа непланирана работа, како што и самото јавно претпријатие наведува во својот извештај, ја нарушила финансиската состојба, па д добивка од 100.000 евра во првиот квартал од минатата година, „Македонијапат“ влегла во негатива од околу 350.000 евра во вториот квартал. Финален финансиски извештај за лани нема, но податоците покажуваат дека ова јавно претпријатие 2019 година ја завршило со плус од 750.000 евра, а 2018 година пак, со плус од 342.000 евра. Бројките бараат одговор – дали тие пари создале простор за некакво подновување?

„Македонски шуми“ во моментов склучува договори со фирми за сеча и за транспорт на дрва од околу 900.000 евра. „Национални шуми“ има 1.796 вработени, од кои една третина се или со основно образование или немаат никаква квалификација. Минатата 2020 година ова јавно претпријатие ја завршило со минус од 1,35 милиони евра. Имало 446 лица вработени на одредено време за сечење, дотур, редење, утовар и за истовар на дрва. Со сопствени работници лани е пресечена вкупна дрвна маса од 201.410 кубни метри, а со надворешни извршители 195.277 кубни метри. Според извештајот за 2020 година, поквалитетна сеча има со сопствени работници, затоа што имало постојан стручен надзор.

Со овие бројки и со голите факти треба да се позанимаваат надлежните и да дадат јасен одговор каде е потребен аутсорсинг од домашни компании, а каде е потребна сопствена механизација. И, што е најважно, треба да не убедат дека тендерите се чесни и дека не продуцираат бизнис елита како продолжена рака на партиските и на личните интереси. Ова, веројатно најтешко ќе им оди!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот