Кај ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ утврдени низа недоследности во договорот за концесија

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Државниот инспекторат за животна средина на ден 21. јануари годинава изврши координиран инспекциски надзор со Државниот инспекторат за техничка инспекција над правниот субјект ЕУРО ПРОГРЕС ДООЕЛ во с.Долно Коњаре, општина Петровец. Правното лице ископува песок и чакал согласно Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – песок и чакал издадена во 2010, односно 2014 година и Дозволи за експлоатација издадени во 2011 (за блок А), односно 2019 година (за Блок Б), соопштија од таму.

По утврдување на фактичката состојба при посетата на терен, доставен е допис до Управата за хидрометеоролошки работи заради добивање дополнителни информации. Имено, со дописот е побарано да се изврши проверка на усогласеноста со одредбата од Договорот за концесија со која се забранува експлоатацијата на минерална суровина да се врши во крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода.

Управата за хидрометеоролошки работи достави прелиминарни податоци за положбата на котата на педесетгодиишните води, која навлегува длабоко во концесиското поле. Од одговорот на Управата, со голема веројатност може да се заклучи дека концесијата е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња, што впрочем можеше да се види и на терен.
За да имаат правна важност, овие податоци ќе треба да се потврдат со дополнителни мерења и вештачења, кои што ќе се реализираат во натамошната инспекциска постапка, но не очекуваме да има разлики помеѓу овој прелиминарен наод и натамошните подетални истражувања.

Утврдена е уште една недоследност при доделувањето на Дозволата за експлоатација во 2019 година. Оваа Дозвола е издадена врз основа на одобрен Елаборат за заштита на животната средина со Решение од 2010 година, кој е изработен согласно Правилник за формата и содржината на Елаборати од 2009 година, и покрај тоа што во 2014 година е донесен нов Правилник. Како одговор на допис од Инспекторатот, Управата за животна средина потврди дека за постапки за доделување одобренија и дозволи после 2014 година се применува Правилникот од 2014 година. Очигледно е направен пропуст во постапката, имајќи предвид дека Дозволата за експлоатација (за Блок Б) е издадена во 2019 година, а Елаборатот на кој се повикува оваа Дозвола е од 2010 година, односно не го применува важечкиот нов Правилник.

Државниот инспекторат за животна средина ќе продолжи со собирање докази, со цел преиспитување на Договорот за концесија, односно Дозволите за експлоатација. Во меѓувреме, ќе го известиме Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Исто така, имајќи предвид дека Елаборатот за заштита на животната средина за Блок Б од концесиското поле не е усогласен со важечкиот Правилник и истиот не содржи Програма за заштита на животната средина со конкретни мерки, ќе побараме да се изработи нов Елаборат. Додека да се изработи и одобри Елаборатот, ќе побараме од Државната техничка инспекција да наложи прекин на работите на Блокот Б.
Понатаму, а врз основа на прибраните докази, Министерството за економија е надлежно да предложи на Владата да го раскине Договорот за концесија.

Инаку, денеска претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорката на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска ја посетија локацијата во Долно Коњаре, кадешто се врши ископ на песок и чакал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот