Кадетките ремизираа против Португалија на Европското првенство
Денеска во својот трет натпревар од групата Б на Европското првенство во Црна Гора македонската женска кадетска ракометна репрезентација одигра реми против Португалија со 29:29.
Препорачано
Нашите ракометарки имаа поуспешен старт контролирајќи водство од 2:0, 4:2, но дозволивме ривалот да направи пресврт, и при 8:8 направи серија од 5:0, а на пауза водеше со 15:10.
Португалките и во второто полувреме имаа контрола на резултатот, дојдоа и до „плус шест“ (18:12), но нашата селекција не се предаваше и постепено ја топеше својата негатива.
При 20:15, направивме серија од 5:1 и стигнавме на само „минус еден“, а нешто подоцна успеавме и да израмниме и повторно бидеме во позитива (23:22).
Одржувавме водство од еден гол разлика, но секогаш Португалија израмнуваше и на крајот двете селекции ги поделија бодовите.
Во вториот меч од третото коло во групата исто така немаше победник, Словачка одигра 21:21 со Германија. На конечната табела Словачка и Германија освоија по пет бодови, а по еден Португалија и Македонија.
Избраничките на селекторот Даниела Новеска ќе го продолжат својот настап на ЕП во разигрувањето за пласман против Турција на 4 август и Шведска на 5 август.


