Каде оди светот?
Со растот на економската и на воената сила, Кина ќе побара пропорционално учество во светските институции и замена на доларот како платежно средство. Сметам дека овој раст на Кина не е потребно да се стави под контрола, туку на рационален начин да се вклопи во развојот на светот, пред да стане пресилен и да не можеме да го контролираме.
По случувањата со Украина и со нарушувањето на економската и политичката состојба, би сакал да дадам свое видување за тоа каде оди светот.
Препорачано
По распадот на СФРЈ видовме што се случи во меѓусебните односи на националните ентитети: Срби и Хрвати, Срби и муслимани, Хрвати и муслимани и, на крај, по интервенциите на НАТО истото се случува и со Србите во Косово. Сето тоа е зашто неизживеаните националисти сакаат да живеат во чиста етничка држава и во матичната земја.
Случувањата во Југославија требаше да му покажат на светот да не се направи истата грешка како со распадот на Советскиот Сојуз, но, за жал, никој не повлече одредени консеквенции. Во Советскиот Сојуз, кој беше сојуз на повеќе држави, со повеќе националности од кои најголем процент беа Руси во руската држава, но многу голем број Руси живееја во државите на Советскиот Сојуз: Молдавија, Украина, во балтичките земји, Осетија и други. Токму овие малцинства од распаднатиот Советски Сојуз се проблемот на Русија и на земјите во кои се, бидејќи руските националисти се оние што вршат голем притисок врз „мајка Русија“ за својот опстанок и сакаат да живеат во неа, односно во матичната земја.
Во моментов го имаме судирот на Русија со Украина, каде што гинат невини луѓе, не навлегувајќи кој е виновен – дали претседателот на Украина Зеленски, кој се претставува како херој или студениот националист Путин, го нарекуваат „цар Путин“, а мотивот за војната е што Русите во Украина сакаат да живеат со „мајката Русија“. Сакам да предупредам дека по Украина може да се очекуваат судири и во Молдавија, во балтичките земји, во Осетија и во некои други во кои има руско население.
Како се гледа овој судир и како се користат последиците за разновидни потреби за влијание во светската економија, политика и во стабилноста на светот? По завршувањето на Втората светска војна, Советскиот Сојуз, воден од Сталин, ја почна Студената војна со Запад за ширење на комунизмот, на што Западот мораше да реагира и да го оформи НАТО пактот, на кој основна задача му беше да го држи комунизмот затворен и да не му дозволи да се проширува. Го опседна Советскиот Сојуз со бази од сите страни, посебно во европскиот дел – од Норвешка до Турција. По смртта на Сталин почна борбата за власт во Русија, во прво време како колективни тела, а потоа почнаа индивидуални желби – прво од поистакнати членови на Политбирото: Маленков, Хрушчов, Брежњев, на крај – Горбачов.
Горбачов дојде по тешкиот бирократ Брежњев и по неколку други, кои беа кратко актуелни. Горбачов дојде на власт како реформатор со својата наивна идеја за перестројка, а на надворешен план договори со западните земји да го распушти Варшавскиот пакт, да го урне Берлинскиот ѕид, а Западот за возврат да го распушти НАТО. Но, што се случи де факто?
Горбачов го распушти Варшавскиот пакт, го урна Берлинскиот ѕид, а Западот земената обврска да го трансформира НАТО во некаква трговска групација, не ја изврши. Горбачов остана излажан, зашто во следните десет години сите 17 членки од Варшавскиот пакт ги прими во НАТО, а на наивниот Горбачов во 1991 година му ја додели Нобеловата награда за мир.
Несреќата со распадот на СССР продолжи со доаѓањето на власт во 1991 година на претседателот Елцин, кој на повеќе држави од СССР им овозможи осамостојување, ја забрани Комунистичката партија, СССР се трансформира во Руска Федерација, а на западните земји им дозволи пристап до суровинските богатства на Русија и на Сибир во разни форми и модели.
Дефинитивно, почнувајќи од 1996 година, во политиката се вмешува Владимир Путин, кој во 2000 година стана претседател на Руската Федерација. Инаку, Путин честопати е покажуван како човек на КГБ, што е точно, но кога работел во Дрезден во Економското биро на КГБ по налог на директорот на КГБ Андропов, преместен е од Дрезден во Економското биро на КГБ во Франкфурт за да ја студира германската машинерија, берзата и стопанството на Западна Германија.
Со доаѓањето на Путин на власт, почнува и обновата на Русија – спасување на државата, армијата, приватизацијата на стопанството и, по неколку негови избори и реизбори, сега Русија е со свое „јас“ во светот. На воен план, како житница на светот, како водечки снабдувач на светот со енергенси и како главна суровинска база во светски размери. Го нарекуваат диктатор, што е точно, но во психата на руската земја владетел диктатор е единствено прифатлив. Постојано со Русија владеел некој диктатор: Екатерина Велика, Петар Велики, цар Николај, „цар“ Сталин, па сега и „цар“ Путин.
Не ми е јасно зошто сега Западот и НАТО продолжуваат да ја опкружуваат Русија. Разбирам додека траеше Студената војна со цел да го спречат комунизмот, но сега Русија не е комунистичка, не шири комунизам, дури капитализмот во Русија е еден арамиски капитализам, зашто групата олигарси ја искрадоа државата. Единствено можно образложение е арсеналот од 6.500 атомски глави и 150 силоси на интерконтинентални ракети од кои Западот се плаши и кои се закана за светскиот мир.
Според мое длабоко убедување, западниот капитал ја губи борбата за доминација и се чувствува нервозен, бидејќи условите во светот се менуваат. Како? По анексијата на Крим во 2014 година од страна на Русија, Западот брзоплето ѝ воведе остри санкции. Така ја направи најголемата стратешка грешка. Русија го побара решението со склучување долгорочни договори со Индија и со Кина, две растечки нации, би рекол нови династии. Тие заедно со популација од околу три милијарди жители и работна сила од двапати по 750 милиони, се во состојба да произведат стока за 5-6 милијарди луѓе во светот. Така, овие две династии со долгорочни договори за користење на руските суровини и со повеќе договори за заеднички производи, обезбедија многу мирен раст и производство на долг рок.
Овие грешки се случуваат и со војната во Украина. Западот воведе ембарго за Русија, а Кина и Индија, користејќи ги руските непоскапени и евтини суровини и енергенси, прават најголеми приходи. Ако се погледне реално, Западот во овој момент глобално ги контролира сите главни институции: Обединетите нации, Советот за безбедност, Монетарниот фонд, Светската банка и доларот како светско платежно средство. И јасна е нервозата кога неодамна го слушнаа гласот на кинескиот претседател Си Јинпинг во името на земјите од БРИСК за нивно учество во решавањето на глобалните проблеми и за контрола на Далечниот Исток од страната на САД.
Да ги погледнеме последиците и проблемите од војната во Украина. Тоа не е војна помеѓу Украина и Русија, тоа е војна помеѓу логистиката на Америка и НАТО за Украина и за „специјалната операција“ на руската армија.
Последиците од војната во Украина се и краткорочни и долгорочни. Краткорочни: инвазијата направи хаос во снабдувањето со енергенси во Европа и во светот, но тоа не ја погоди Кина, ниту Индија, кои имаат долгорочни договори со Русија. Долгорочни последици – почнува промена во светското производство со појавата на Кина и Индија, нивниот раст ќе оди непречено, така што до 2050 година БДП на Кина ќе достигне двојна вредност од БДП на САД. Многу интересни се сферите на соработка на Русија со Индија и со Кина. Индија со својот интелектуален капацитет – повеќе од 200 милиони факултетски образовани жители – соработува со Русија и води развојни програми, додека пак Кина соработува во наоружувањето, подморската флота, ракетите, односно во сè поврзано со глобалниот воен престиж.
Со ваков економски и воен раст на Кина, НАТО во Европа ќе стане непотребен, зашто фокусот на Америка ќе биде Кина, која толку многу ќе зајакне, што Америка ќе стане свесна дека Тајван е кинески и Кина ќе си го земе или по мирен или по воен пат, важно ќе го земе. Голема загриженост предизвикува влијанието на Кина на Далечниот Исток и во светот, би рекол таа е новата воена, политичка и економска сила. Со растот на економската и на воената сила, Кина ќе побара пропорционално учество во светските институции и замена на доларот како платежно средство. Сметам дека овој раст на Кина не е потребно да се стави под контрола, туку на рационален начин да се вклопи во развојот на светот, пред да стане пресилен и да не можеме да го контролираме.
Еве еден интересен пример. Познат е фактот дека малото стопанство во Европа и во САД претставува 60 проценти од вкупното стопанство, а кинеската машинерија е во состојба да произведе делови и склопови за негов развој, што би го нарекле „кинеско светско мало стопанство“, односно синџир на фирми, базирани врз кинеските делови и состави.
Да бидеме реални, овие промени во светскиот поредок не значат дека западните земји, односно западниот капитал, ќе пропаднат. Тие и натаму ќе живеат добро, но не толку комотно како при контролата на сите светски текови во стопанството, во финансиите и во војните.
Овие промени на тековите во светските случувања би ги нарекол нов ред во светот во кој и двете растечки династии Индија и Кина ќе бидат рамноправни соговорници и партнери со Западот, и во економијата и во политиката.


