Јустина Млецак, Полјачка која ни носи туристи од Полска: Во моментов Македонија е една од најпопуларните дестинации

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

На своите сограѓани од Полска им подготвува индивидуални или групни, но сосема лични тури низ Македонија, патувања скроени по мерка. Јустина е одличен туристички „кројач“ зашто одлично ја познава Македонија, нашата култура, традиција, јазикот, гастрономијата…

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Полската блогерка Јустина Млецак првпат престојувала во Македонија сосема случајно, кога тргнала на пат за Валона, Албанија, на семеен одмор. Кога стигнала во Скопје, само за транзит, преку ноќ, не знаела ништо за Македонија, а следниот ден накратко, на кафе, престојувала во Охрид. Се заинтересирала, почнала да чита, да бара информации, и откако се вратила од Албанија, се запишала на магистерски по Балкански студии. Вели дека во првата минута се вљубила во македонскиот јазик, и одлучила Македонија да биде тема на нејзината магистерска. Една година по првата средба со Охрид, се вратила на теренски истражувања. И до ден денес се враќа.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Млецак има „полна“ уста убави зборови за Македонија, за луѓето кои тука живеат, за јазикот, за гастрономијата… И тие зборови ги пренесува на своите сограѓани преку нејзиниот блог посветен на Македонија, преку кој се организираат и тури за посета на земјата. Лани, среде пандемија, Јустина успеа да донесе две групи полски туристи, а годинава интересот е уште поголем. Овој туризам таа го нарекува (не)комфортен, но уникатен, зашто при овие патувања се зборува со луѓе, а не за луѓе.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Разговорот го водиме на – претпоставувате веќе – македонски јазик. Таа зборува (и пишува) течно, речиси па, без грешка.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Во што всушност се вљубивте, што е тоа што Ве освои?

– Луѓето го освојуваат моето срце секогаш и секаде. Тоа беше посебно во Македонија, бидејќи мојата отвореност и заинтересираност за луѓето и земјата беше исполнета со отвореноста на жителите, што не е секаде случај. Покрај тоа, јазичната бариера беше мала, во Албанија имав многу поголем проблем, иако луѓето беа подеднакво желни да разговараат со мене. Од друга страна, Македонија ме восхитува со својата разновидност. Го почитувам богатството на природата, планинските предели, животните. Но, според мене, мозаикот од етнички групи, јазици, религии, култури и традиции е вистинското богатство на Македонија, што веројатно вие тоа сè уште не го согледувате.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Што им велите на Вашите сограѓани, Полјаците, за да ги убедите да дојдат како туристи во Македонија? 

– На почетокот морам да објаснам – мојата цел не е туризам, го користам туризмот како пат до целта. Мојот наратив за Македонија се промени како што ги развивав моите идеи. Затоа, начинот на кој зборувам за Македонија се разликува од она што го гледате во другите туристички агенции. И тоа е во ред, затоа што се потребни и овие „други“ одмори – лежење на плажа, гастрономски туризам… На социјалните мрежи зборувам за спомениците, за најпознатите места, за кујната, за местата кои треба да се посетат… Но, јас ја третирам Македонија како учебник од кој и самата учам и би сакала да ги научам другите на туризам што гради мостови. За време на ваквите патувања се фокусираме на луѓето или барем на една личност. Се забавуваме, одвојуваме момент да седнеме заедно на маса, да разговараме со луѓето, а не за луѓето. Да го видиме и запознаеме овдешниот човек, а не музејските експонати или животните во кафез. Затоа, кога зборувам за Македонија, зборувам за луѓе. Луѓе што ги познавам, но и оние за кои само сум прочитала. Бидејќи не верувам во една и единствена точна перспектива, верувам во мноштво различни приказни.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Каков е интересот за посета на Македонија кај Полјаците за ова лето кога коронакризата полека стивнува?

– Полјаците веќе ја посетија Македонија минатата година, лани донесов две групи, во август и во октомври. Полјаци сретнувам од февруари во Охрид, а во мај имаше денови кога не можев да одам по улицата Варош, во стариот град, без да го слушнам полскиот јазик. Интересот е огромен, особено што многу Полјаци ја избираат Албанија за одмор и попатно ја посетуваат Македонија. Ова е една од најпопуларните дестинации во моментов во групите за патувања на социјалната мрежа Фејсбук. Сепак, треба да се разјасни една тажна работа: Полјаците се заинтересирани да го посетат Охрид, можеби Скопје и Матка, за жал промоцијата на Македонија во Полска во последниве години беше на многу ниско ниво и само овие места ги поврзуваат Полјаците со нешто што вреди да се посети.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Како изгледа една туристичка тура, колку дена трае, колку пари чини, каде ги водите гостите низ Македонија?

– Невозможно е да одговарам на ова прашање зашто тоа зависи од гостите, видот на патувањето и темата. Турите траат од еден ден до две недели. Покрај патувања со мене, исто така нудам подготовка на патувања за поединци кои ја посетуваат Македонија со мои совети, ама независно. Има патувања со низок буџет за луѓе кои патуваат со јавен превоз, спијат во шатори или во хостели, но имам подготвено и предизвикувачки тури. Генерално, сепак, моите патувања се поскапи од другите патувања низ Македонија кои им се на располагање на Полјаците, бидејќи тие се одвиваат во мали групи, од 4 до 15 лица, а активностите што ги избираме се поскапи. Ако поканам некого во куќата на моите пријатели или на занаетчиска или кулинарска работилница со мајстор, сакам да дојдам со некој што ја цени не само активноста, туку и личноста со која ќе го помине ова време. Не се плашам да се откажам од најпопуларните места во моите програми. Не го сакам Свети Наум во висока сезона – не можеш целосно да го почувствуваш во тој метеж. Најмногу ми се допаѓа Кањонот Матка од манастирот „Св. Никола Шишевски“. Камени Кукли кај село Куклица се убави, но јас ги обожавам пештерите на монасите во Лесново и Цоцев Камен…, и така натаму.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Според Вашето досегашно искуство, кои македонски градови и села им се најинтересни на Полјаците, а која храна и пијалак сакаат да ги дегустираат?

– Не знам! Затоа што ни тие не знаат. Туристичките водичи и брошурите се монотони во овој поглед. Тавче гравче, шопска, плескавица, ќебапчиња. Во Охрид веројатно рибја чорба и пастрмка. Бурек, ајвар. Ако некој е креативен тогаш макало – но само охридско, сите мислат дека макало е синоним за паста од лук. Баклава, тулумба. Вино од „Тиквеш“, а ако има дегустацијата во програмата најверојатно тоа ќе биде во Попова Кула. Ракија. Комат со спанаќ, или подобро – со блитва или праз? Топено сирење? Лутенка? Похована пиперка со урда? Еклери, шампити, кремпити, локум од Крушево, боза, маџун, качамак, одличен македонски јогурт и свежо овчо кисело млеко. Ширден, во зима – туршија, напролет – мимоза. Слатко! Ѓомлезе, питулици! И стотици други јадења што никој нема ни да помисли да ги проба затоа што сите живееме во еден маркетиншки меур. Или во една туристичка програма. Морав да се вратам многу чекори наназад за да видам дека сум заглавена во истото. Дури тогаш повторно почнав да го сакам Охрид. Кога видов дека вареното ѓеврече е исто толку автентично како питата на пирустија. Тој Охрид полн со туристи е исто толку вистински како и напуштеното село во Маврово. Само една вистина е за еден, а другата е за друг. За жал, многу туристи не гледаат дека имаат избор зашто „другата вистина“ им е скриена толку длабоко што не можат да ја пронајдат.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Колку време Ви требаше да го научите македонскиот јазик, дали сметате дека е тежок јазик? Од кого го научивте?

– Јан Бломаерт тврди дека тешко е да се зборува за еден јазик, бидејќи содржи толку многу регистри и стилови што веројатно нема ниту еден целосно компетентен корисник на еден јазик во светот. Вели дека како корисници на јазици користиме разновидни ресурси. Ми се допаѓа овој концепт зашто силно верувам дека јазикот ја гради нашата реалност. Како зборуваме за некого и за нешто, така го менуваме светот. Учам македонски преку секој разговор. Сакам да фаќам фрази и да споредувам навидум тривијални работи, како што се имиња на предмети или јадења. Нашите секојдневни јазични избори кажуваат многу за нас самите. Научив најмногу од слушање. Затоа, постојано правам многу граматички грешки, мешам времиња и можам да поминам низ три дијалекти во една реченица. Но, мора да спомнам еден човек кому должам најмногу на патот кон Македонија – Звонко Димоски од Прилеп, кој е причина зошто се вљубив и во јазикот и во Македонија. Одличен учител, но и одличен пријател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот