Јовановски ќе дава нов исказ во Обвинителство

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според најавите, Јовановски пред обвинител ќе поднесе барање за истрага против неколку лица (дел од нив познати на јавноста) кои ги терети за кривично дело измама, тортура, злоупотреба на службената положба и овластувања, како и давање на лажен исказ.

Првоосудениот во аферата „Рекет“, Бојан Јовановски, познат како Боки-13 денеска, на свое барање ќе дава нов исказ во Обвинителството за организиран криминал. Како што дознаваме, ова барање Јовановски на 18-ти овој месец писмено го доставил до судот, кој пак како посредник, барањето го препратил до ОЈО.

Според најавите, Јовановски пред обвинител ќе поднесе барање за истрага против неколку лица (дел од нив познати на јавноста) кои ги терети за кривично дело измама, тортура, злоупотреба на службената положба и овластувања, како и давање на лажен исказ.

Исказот на Јовановски е поврзан со пресудата против него за „Рекет“ и за неговата вмешаност во незаконското работење на невладината организација „Меѓународен сојуз“, процес во кој исто така ќе му се суди.

Како што е познато, на 18-ти овој месец скопскиот Кривичен суд за две кривични дела во „Рекет“ му досуди на Јовановски две затворски казни од по 5 години или единствена казна затвор од 9 години, сметајќи го времето поминато во притвор. Второобвинетата, пак, екс шефица на СЈО, Катица Јанева е осудена на 7 години затворска казна сметајќи го времето поминато во притвор. Јовановски беше присутен во судницата, а Јанева не присуствуваше на изрекување на пресудата по нејзино барање поради семејни причини.

Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството во процес кој трае шест месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот