Јосифовски: Комисијата за заразни болести ќе препорача угостителските објекти да затворат во 18 часот!

фото: Архива

Комисијата за заразни болести ќе препорача угостителските објекти да работат до 18 часот, тврди за „Слободен печат“ претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски.

– Утринава на состанокот на Комисијата за заразни болести првата реченица на министерот за здравство Венко Филипче, беше дека планираат да не затворат после 18 часот и дека тоа ќе биде препораката која ќе произлезе од денешниот нивен состанок. Потоа оваа препорака ќе се најде на владина седница, ни изјави Јосифовски.

Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора

Јосифовски додаде дека Независната угостителска комора бара новогодишните прослави да се одвиваат со протоколи, наместо без протоколи во приватни викендици, вили и во неконтролирани услови.

-Побаравме образложение зошто ја носат таа одлука, им ги дадовме барањата ги прочитаа и ни рекоа можете да си одите. Ние им посочивме дека само им помагаат на граѓаните да бараат алтернативни решенија со кои што ќе има поголем број на заразени, бидејќи дочеците ќе се одржуваат во неконтролирани услови, во приватни објекти. Ние како НУК имаме интерес јавното здравје да биде на повисоко ниво. Сакаме дочеците да бидат во угостителски објекти кои имаат професионални вентилациони системи, контролирана температура, да се постават протоколи, надзорници кои ќе контролирааат, вели Јосифовски.

После Нова Година ќе врие од заразени со Ковид 19, но не поради угостителските објекти и нивната работа туку поради тоа што во наредните денови ќе се организираат неконтролирани прослави, веселби и забави во сите приватни вили, викендици и разни куќи низ Македонија кои наголемо се нудат како пакет аранжмани за предновогодишни прослави и новогодишни дочеци преку социјалните мрежи, тврдат од Независната угостителска комора.

Оттаму додаваат дека се додека се отворени границите сите граѓани што имаат услови и можности, ќе си приуштат новогодишните празници да ги поминат надвор од Македонија некаде во соседството, во некој од шопинг или скијачките центри или на некоја подалечна егзотична дезтинација каде ќе биде дозволено патувањето и движењето.

Угостителите сметаат дека бројот на заразени со ковид-19 после новогодишните празници ќе биде зголемен но бројот на заболени ќе биде далеку помал од очекуваниот доколку угостителските објекти работат со соодветни протоколи кои гостите мора да ги почитуваат и на таков начин да се избегнат собирањата скришум во викендици, вили и приватни станови и куќи.

Министерството за внатрешни работи минатата недела посочи дека ги следи сите интернет огласи за изнајмување викендици. Во барањата стои и хипотетичко прашање дали забавите со протоколи би можеле да ги посетат само оние граѓани кои прележале коронавирус, иако во земјава има 35 пациенти што по вторпат се заразиле со Ковид 19 и вториот пат поминале многу полошо од првиот пат во поглед на симптомите и на клиничката слика.

И производителите на вакцината против ковид-19, меѓу кои и американскиот фармацевтски гигант Фајзер, наведуваат дека дури и по вакцинацијата носењето маска, дистанцата и миењето раце мора да продолжат да бидат дел од секојдневието на граѓаните бидејќи не е сигурно дека вакцината спречува реинфекција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот